Турски инвеститори влегуваат во Вардар, сериозна финансиска инјекција за конечна стабилизација!?

Турски инвеститори се пред влез во најтрофејниот македонски клуб Вардар во обидот црвено-црните да добијат дополнителен финансиски импулс за конечна целосна стабилизација и враќање на местото кое го заслужуваат во македонскиот фудбал.

Вардар во моментов чекорејќи го второлигашкиот пат е со амбиции за враќање во Првата лига, но не се тајна и финансиските проблеми со кои се соочува изминатиов период. Јасно е, доколку се сака максимално подготвено да се дочека враќањето во елитата, дека е неопходен далеку посериозен буџет со кој би се конкурирало на најдобрите македонски клубови. Уште минатата година се спомнуваше влезот на турскиот бизнисмен Али Коч, сопственик на Фенербахче, во најтрофејниот македонски клуб, но сето тоа остана само на пишување по турските медиуми. Како што дознаваме, сега се интензивирани сериозни преговори со турска компанија која би го презела финансирањето на клубот.

Во моментов сопственик на клубот е Слободан Крстевски преку неговата компанија „Блу Скај Инвестментс“, од каде и се водат преговорите со заинтересираните финансиери од Турција. Најголем проблем и натаму остануваат долговите направени во времето на раководењето со клубот од страна на Сергеј Самсоненко, околу три милиони евра, кои ќе мора да бидат подмирени со враќањето на Вардар во Првата македонска фудбалска лига кога би се активирала неопходноста за добивање европска лиценца.

Неодамна на темата ФК Вардар се осврна и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска која истакна дека Град Скопје е подготвен да му помогне на клубот максимално да се стабилизира и повторно да се врати на местото кое му припаѓа во македонскиот фудбал.

„Градот Скопје во моментов нема никаква поврзаност со фудбалскиот клуб затоа што претходното раководство ги пресекло сите релации со клубот. Тој е во приватна сопственост, иако сметам дека тоа не е најдобро решение. Од наша страна има расположение да помогнеме затоа што Вардар е најголемата скопска гордост. Но, тоа не е еднострана одлука која треба да се донесе. Според мене, не смеело да се дозволи Вардар да испадне во Втората лига“ – изјави Арсовска.

Нескриени се и амбициите ФК Вардар следната година, со новата распределба на буџетот, да добие повторно финансиски средства и од Град Скопје како би се реализирал до крај планот за влез во прволигашкото друштво.

Се вчитува...