Пет сопруги на фудбалерите на Чaпекоенсе кои загинаа во авионската несреќа што се случи во декември минатата година, ќе го тужат клубот. Тие бараат да им бидат исплатени пари за права на имиџ на нивните загинати сопрузи.
Според бразилските медиуми, прва тужба поднела Валдесија Боргес де Мораис Паива, вдовица на фудбалерот Гил Клементе де Паива, а потоа на истиот чекор се одлучиле и сопругите на Бруно Ранхел, Аилтон Канела, Ананиас Монтеиро и на Жименес де Соуса.
Набрзо после несреќата во која животот го загуби 71 лице, од кои 19 фудбалери на Чaпекоенсе, клубот на семејствата на жртвите им исплати отштетат од животното осигурување кое го имаат сите играчи. Но, дел од семејствата сметаат дека имаат право на поголема финансиска оштета. Тие ја бараат платата за остатокот од декември, 13-та плата за минатата година, платен годишен одмор и права на имиџ.
„Обврзани сме да ги исплатиме само животните осигурувања од кои семејствата на секој играч добија по 40 плати. Правата на имиџ немаат никаква врска со клубот. Ја разбираме тагата на оние што ги изгубија своите најблиски, но ние не сме должни да им го платиме тоа“ – изјави потпретседателот на Чaпекоенсе, Луис Антонио Палаоро.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА