Владимир Трпаноски е нов претседател на Џудо федерацијата

Владимир Трпаноски, поранешен џудист, долгогодишен активен член на федерацијата, етаблиран професионалец во деловното опкружување и актуелен комерцијален директор на Витаминка А.Д. – Прилеп, е избран за нов претседател на Џудо федерацијата на С. Македонија (ЏФСМ) на Изборното собрание кое се одржа во Прилеп.

На седницата на собранието, од вкупно 23 редовни членки, учествуваа 39 делегати од вкупно 21 џудо клуб од федерацијата.

Во рамки на делот од Собранието, поврзано со органите на управување, после прифатената неотповиклива оставка на досегашниот претседател Зегљуљ Реџепи, со мнозинство гласови за нов претседател беше избран Владимир Трпаноски.

Исто така Собранието донесе Одлука за смена на членовите на Извршниот и на Надзорниот одбор и со едногласно избра нови членови на овие Органи. За нови членови на Извршниот одбор на федерацијата се избрани: Авни Реџепи, Благоја Гешоски, Љубен Андријашевиќ, Марјан Колев, Иван Живковски, Ерол Шерифовски, Николче Мариновски, Бошко Вељановски, Сашо Јанакиевски и Горан Антевски, а за нови членови на Надзорниот одбор беа избрани: Снежана Патирова, Димче Шипинкаровски и Борче Павлов. Покрај изборот на новиот состав на органите на федерацијата, на Собранието беа изгласани и новите потпретседатели, Благоја Гешоски и Горан Антевски.

Второто Собрание во тековната 2019 година се одвиваше во атмосфера на конструктивни дискусии од присутните членки, при што по завршувањето на сите изборни процедури, делегатите се заблагодарија на досегашните членови на раководствата за нивниот професионален и личен придонес во функционирањето на федерацијата, а на новоизбраните им посакаа многу успех.

Се вчитува...