СЕДМЕРЕЦ: Ние и Ангола

Екипа

Помошникот на селекторот во машката репрезентација на Македонија ќе биде помошник во женскиот Вардар, селекторот на младинците беше награден, па сменет по ист „дневен ред“…Оди, па фати ни го крајот!

1.И Парондо ќе го повози „Ферарито“

Шпанецот Роберто Гарсија Парондо е новиот помошник на Ирина Дибирова и најново засилување на клупата на ЖРК Вардар пред новата сезона. Кого не го „мрзи“ да брои нека провери, ама мислам дека Шпанецот ќе биде 11-ти или 12-ти тренер, ако ја броиме и газдинско-тренерската епизода, што седнал на „жешката“ клупа кај вардарки во изминативе четири години. За некого шанса, за некого предизвик, за едни лоша епизода, за други  тренерски „катапулт“. Кој како ќе се најде и снајде. Битно, трендот продолжува.

Ќе остане запаметена онаа оргинална изјава на Давид Дејвис кога прв пат седна на клупата на женскиот Вардар, дека тоа е како „Ферари на подарок“. Седнуваш и возиш. Дејвис беше „оргинален“ и по својата двојна улога како помошник на Раул Гонзалес во машкиот тим на Вардар и истовремено помошник, а потоа и прв тренер на женскиот Вардар.

Во двојна улога, исто така необична, барем за европските ракометни стандарди, ќе биде и Парондо. Поранешниот шпански репрезентативец  во јуни беше промовиран како помошник на селекторот Раул Гонзалес во стручниот штаб на машката ракометна репрезентација на Македонија, а сега е и помошник на Дибирова во женскиот тим на Вардар.

Во врвниот европски ракомет, на репрезентативно и ЛШ ниво баш и нема многу вакви примери. Да бидам искрена, не ми текнува ама баш на ниеден друг тренер со двоен машко-репрезентативен и женско-клупски ангажман. Знам дека ова едно време функционираше во Ангола каде извесен Филипе Круз беше селектор и на машката и на женската репрезентација и во исто време, тренер на женска екипа. Ама, сега веќе и во Ангола ги разграничија работите, па знаат кој е каде.

Велат, секое искуство е драгоцено, посебно за тренер-почетник. А, „Ферари“ си е „Ферари“. Не се одбива.

Впрочем, не се одбива ни „Лада“, па пола Вардар се пресели на „втора тренерска работа“ во репрезентацијата на Русија.

2.Награден, па сменет

Кога сме веќе кај тренерско-селекторските смени, изминатава седмица посебно беа актуелни  „освежувањата“ на клупата. УО на РФМ на последната седница го разреши селекторот на машката младинска репрезентација, Илија Темелковски и на негово место го назначи Данило Брестовац за нов селектор на младинската и на кадетската репрезентација.

Донекаде е логично, искусниот тренер да го наследи млад и надежен. Брестовац е еден од највредните и најуспешни македонски тренери од новата генерација и добро е конечно да добие и селекторска шанса. Добро е и што РФМ мисли на иднината и што, меѓу другото, го става фокусот на „насочување на развојот на тренерите на младите категории“. И, добрo е ако и селекторската смена е во таа насока.

Но, по малку е лош тајмингот и нелогичен потегот кога изненадно се менува селекторот кој само пред еден месец направил историски успех со младинците на СП во Алжир. И кога УО на РФМ на иста седница по една точка од дневниот ред му дава признание и парична награда на селекторот, а по друга – отказ!

Ниту Темелковски заслужува такво разрешување, ниту пак Брестовац такво  назначување „на мала врата“.

Со целата поддршка што ја има од јавноста и од медиумите, новиот селектор ќе го носи товарот на смената и притисокот кога се под 6-то место во светот во иднина ќе биде во категоријата „неуспех“.

Или, во најмала рака, „послабо од претходно“.

3.Полно срце, празни сали… ама доаѓа ЛШ

Вардар и Металург во СЕХА „се загреваат“ за новата сезона во европската ракометна елита, а Скопје за уште една двојна програма во Лигата на шампионите.

Вардарци имаат перфектни „три од три“ во првите три натпревари во регионалната лига и најавуваат „жешка“ одбрана на титулата во ЛШ. И покрај сите претсезонски клупски турбуленции.

Металурзи, по стартниот пораз од Вардар, полека фаќаат чекор и победнички ритам во последните две средби, на гости кај Динамо Панчево и дома со Нексе. Борбеноста е на највисоко ниво и во подновениот состав на Металург. Вчера, во триумфот против Нексе, посебно беше ударна репрезентативната оска Кузмановски-Велковски-Пешевски, на радост на македонската публика со мислите веќе насочена кон јауарското ЕП во Хрватска.

Она пак што боде очи во овие први натпревари на Вардар и на Металург во новата сезона, се речиси празните трибини и во „Борис Трајковски“ и во „Јане Сандански“. Дали СЕХА станува неинтересна за гледачите, или пак продолжениот викенд ги испразни и трибините, ќе видиме. Како и да е,  почнува ЛШ. Наскоро…

Се вчитува...