13-годишниот Марко го почна својот подвиг: Утре, на Голема Богородица сите го чекаат во Охрид

Македонскиот херој, 13-годишниот Марко Пејчиновски во 18 часот од Градското пристаниште во Охрид го почна новиот подвиг во обид да го исплива легендарниот триаголник Охрид – Св. Наум – Струга – Охрид, во должина од 64 километри.

Марко, опкружен со своите најблиски, лекарски тимови и официјални лица се впушти во водите на Охридското езеро пливајќи го големиот маратон за лицата со ретки болести. Според очекувањата, Марко по испливани 64 километри треба да финишира утре на празникот Голема Богородица во центарот на Охрид.

Временските услови се апсолутно на страната на Марко кој во текот на ноќта ќе ја плива делницата од Охрид до Св. Наум.

Како што е познато, минатата година Марко, тогаш на свои 12 години, во крајно неповолни временски услови исплива од Св. Наум до Охрид и стана најмлад пливач кој стигнал до ваков подвиг. Сите овие достигнувања на Пејчиновски имаат дополнителна тежина ако се знае дека има доживеано инфаркт на коска на долните екстремитети.

Годишниот подвиг, пак, го посветува на лицата со ретки болести, со цел да се сврти вниманието на јавноста, а особено на општествените чинители кон проблемите со кои се соочува оваа категорија граѓани. Во знак на поддршка на лицата со ретки болести, кои секојдневно бијат маратонски битки за нивните животи, испечатени се специјални маички по цена од 300 денари кои ќе се продаваат на специјален штанд кој утре ќе биде поставен кај градското пристаниште од 12 часот. Средствата од продажбата на маичките ќе бидат донирани во хуманитарни цели.

Се вчитува...