Трифуновски: Кошаркарите заслужуваат подобар статус и од клубовите и од МКФ

Во периодот на турбуленции на македонската кошаркарска сцена дојде до промена на чело на Здружението на кошаркарски играчи, на чие чело застана Миле Трифуновски. Станува збор за поранешен кошаркар кој има настапувано за неколку различни екипи (Центар, Талент Скул – АМАК СП, Карпош соколи, Вардар, МЗТ Скопје, Академија Баскет, Апаве, Водњански Лисици), а неодамна се активираше и за настап во третата лига во тимот на Спарта. Сепак, она што го прави Трифуновски добар предводник на кошаркарите е неговата отвореност и подготвеност секогаш гласно да дискутира за проблемите со кои професионалните играчи се соочуваат.

„Здружението на кошаркарски играчи беше формирано во 2014 та година, кога многумина од активните играчи осетивме дека кошарката почна да се движи во адолна линија, и затоа организирање и формирање на едно вакво здружение беше неопходно во тој период. Моментално здружението има 80 тина членови и секојдневно растеме. Јас како член на управниот одбор од самото формирање сметам дека уште од почетокот имавме убави замисли и средби како би го раководеле ова здружение, но тоа некако спласна со самата промена на раководната структура на Кошаркарската Федерација. Со новото раководство имавме само една средба заедно со клубовите пред повеќе од две и пол години. Темите на кои разговаравме и предлозите од наша страна за подобра кошаркарска иднина не беа исполнети“ – вели Трифуновски.

Тој потенцира дека правилото за двајца Македонци на терен е донесено за подигање на репрезентативната кошарка, а не за лична корист на играчите.

 

„Нашата федерација е некако најгласна за ова правило дека единствено играчите “профитирале” од ова, но јас не би се сложил со тоа. Мислам дека тоа беше единствениот избор на МКФ во моментот кога на репрезентативен план паднавме ниско во сите категории. По промената на генереации дојдовме во ситуација каде што некои репрезентативци, најповеќе оние младите, добиваа споредни улоги во клубовите каде што настапуваа, а притоа за репрезентацијата беа неопходни. Да, можеби тоа правило ја подигна минутажата на неколкумина во домашното првенство, но затоа повеќе во репезентацијата немаме играчи кои за екипите  играат по 5 или 10 минути, наспроти имаат и лидерски улоги. Бенефитот е обостран и тоа мора да се нагласи“ – потенцира предводник на професионалните кошаркари.

Трифуновски е разочаран од очајните услови за работа и кошаркарски напредок кој владеат во поголем дел од клубовите.

„Од друга страна пак имаме играчи кои ова правило не ги засега воопшто ниту пак некако влијае на нивната минутажа. Тие играчи настапуваат во пониските лиги или во оние 6 екипи од прва лига за кои не можеме да кажеме дека се професионални. Условите во нив се мизерни, а просечните примања се помали од просечна плата во Македонија. Со тоа не гледам како некој ќе ме убеди дека МКФ или клубовите им помагаат и се на нивна страна! Како професионални кошаркари, тренираат во ладна сала во катастрофални услови, притоа некој се удира в гради дека толку им помогнал, а тие плата не земале за неколку месеци од минатата година! Како тие играчи да инвесираат во себе и да се надградуваат кошаркарски? Како да водат еден нормален спортски живот? Каков е нивниот мотив за тренинг и натпревар? Како очекувате тие да го подигнат нивото на лигата? Ниту една раководна структура не најде начин ова да го реши, а би требало на сите да им биде приоритет“ – гласно порачува Трифуновски.

Како дел од она што посакува да се направи во следниот период, Трифуновски нагласува дека е потребен колективен договор меѓу клубовите, играчите и МКФ, потоа натпреварите да се играат во затоплени сали и кревање на минималната температура од 12 на 18 степени, за мечот да започне (правило што не се почитува). Како еден од најголемите проблеми предводникот на мак-кошаркарите ги посочува тренерите.

„Тренери. Тоа е голем проблем во кошарката. Полесно може да добиеш тренерска лиценца, одколку да извадиш скопска карта за јавен автобуски превоз. Со тоа се деградира Фалкутетот за Физичка Култура и кадрите кои таа институција ги произведува. Многу е мал бројот на тренери кои посетуваат меѓународни семинари и се надградуваат на професионален план. Денес имаме кошаркарски “школи” кои се само заинтересирани за профит и таму завршува приказната. Тие тренери по младинските категории, некои од нив и сопственици на тие школи, имаат по 300 – 400 и повеќе членови, наплаќаат за членарина, а младинците доаѓаат во фаза кога треба да отпочнат да се занимаваат со кошарка професионално, но за жал се крајно необучени. Овој проблем најповеќе може да се примети во младинските репрезентации. Секаде сме на долната половина во Б дивизија“ – анализира Миле Трифуновски.

Прашања и теми за разговор има многу, а тој е свесен дека пред себе има полни раце работа.

„Мандатот на претседател на здружението на играчи е во времетрање од две години со можност за реизбор. Како претседател сметам дека најважно е да ја подигнам свеста на секој кошаркар и да го запознаам со проблемите, да ги обединам сите кошаркари во една екипа. Да сме свесни дека заедно можеме многу, најповеќе за младите генерации да не се соочуваат со истите проблеми со кои се соочуваме ние. Мислам дека сме на прав пат тоа да го постигнеме тоа и кога ќе го постигнеме, промените во кошарката ќе доаѓаат како домино коцки“ – порачува за крај новиот претседател на Здружението на кошаркарски играчи.

Се вчитува...