Стартува СЕХА Ф4 – Вардарци во Скопје ја бранат титулата

Најдобрите четири екипи во регионалната СЕХА Гаспром лигата во овие три дена во Скопје ќе се борат за титулата на седмото издание на Ф4 турнирот во ова натпреварување. Скопје по втор пат е домаќин на завршницата во СЕХА лигата, по 2013 година кога титулата овде ја освои Загреб. Овој пат завршните натпревари од Ф4 турнирот ќе се играат денеска и в недела во СЦ „Јане Сандански“ , а целиот ракометен спектакл во овие три дена ќе биде пропратен и со бројни забавни програми.

Вардар е во улога на домаќин на Ф4 турнирот и на бранител на титулата, што заедно со перфектната сезона без пораз му носи и фаворитска улога во недела повторно да го подигне победничкиот пехар.

„Играме пред нашите навивачи, во нашата сала и ние сме бранители на титулата. Ќе сториме се да завршиме како победници втора сезона по ред“ – најави капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов.

Во денешното прво полуфинале со почеток во 17.45 часот, вардарци за противник го имаат Мешков Брест. Белорускиот шампион единствен сезонава успеа да му земе бод на Вардар во регуларниот дел од сезоната и да извлече реми на домашен терен (25-25). Во првиот дуел во „Јане Сандански“, вардарци беа супериорни (31-23), а се очекува така да биде и вечерва на патот до ново СЕХА финале.

Со поддршка од своите навивачи Вардар има шанса да стане првиот тим што по четврти пат го освоил трофеот во СЕХА лигата и на титулите од 2012 (Загреб), 2014 (Нови Сад) и 2017 (Брест), да ја додаде и годинашната од Скопје.

Мешков Брест регуларниот дел од сезоната го заврши на четвртото место. Тимот предводен од Сергеј Бебешко во изминатиов период се соочува со многу проблеми со повредите и во Скопје ќе настапи без неколку клучни играчи како Растко Стојковиќ, Константин Игропуло и Петар Ѓорѓиќ. Тоа значително му ги намалува шансите на белорускиот шампион да го повтори успехот од 2015 кога го елиминира Вардар во полуфиналето на Ф4 турнирот во Веспрем.

Во второто полуфинале на СЕХА Ф4, денеска (20.15 часот) ќе играат ППД Загреб и Целје. Загреб ја освои титулата на завршниот турнир во Скопје во 2013 година и во хрватскиот шампион се надеваат дека повторно ќе играат скопско финале. Целје сезонава се приклучи во СЕХА лигата и е дебитант на годинашниот Ф4 турнир.

Се вчитува...