„Кикс на годината“: Директорот на Јуве во ресторан си го заборави списокот со засилувања

Никој не очекуваше експресно во голем стил да замени супер-директор како Џузепе Марота, но Фабио Паратичи стана предмет на потсмев во италијанскиот фудбал откако беше обелоденето дека првиот оперативец на Јувентус во ресторан го заборавил списокот со потенцијалните засилувања на „старата дама“.

Тој бил на службена вечера со блиски соработници дискутирајќи за плановите за летниот преоден рок, но направил голем „кикс“ – при заминувањето од ресторанот го оставил зад себе списокот со имиња што експресно заврши во медиумите.

Најзвучно име дефинитивно е Сергеј Милинковиќ – Савиќ, но српскиот ас е поставен на списокот веднаш до Миралем Пјаниќ, како најава дека босанскиот плејмејкер ќе треба да си замине за да се отвори простор во тимот за асот на Лацио.

Покрај Милинковиќ – Савиќ, на списокот на Паратичи се наоѓа и новата ѕвезда на Рома, младиот Заниоло, за кого Јуве има подготвено 40 милиони евра, потоа „новиот Пирло“, Сандро Тонали од Бреша, како и десниот бек на Салцбург, Доминик Шобошлаи, проценет на 10 милиони евра.

Кога станува збор за нападот, во плановите на Јувентус останува Федерико Киеза од Фиорентина, за чии услуги „старата дама“ е подготвена да плати 50 милиони евра.

Останува да се види дали овој „кикс“ на Паратичи ќе ги замрси сметките на Јуве за реализација на трансферите, сега кога ривалите се свесни кои играчи ќе бидат приоритети на најтрофејниот италијански клуб.

Се вчитува...