Штафетите на САД и Австралија го поделија златото со време на нов светски рекорд

Неверојатен исход ни донесе последната трка на Светското првенство во пливање во 25 метарски базени во Мелбурн, Австралија. Штафетите на Соединетите Американски Држави и Австралија го поделија златниот медал на делницата од 4х100 метри мешано со време од нов светски рекорд 3:18.98 што е за 18 стоти делови од секундата подобро од 13 години стариот рекорд на Русија. Бронзата и припадна на штафетата на Италија.

Канадската пливачка Маги Мекнил стигна до златниот медал на трката на 100 метри делфин на Светското првенство во мали базени кое се одржува во Мелбурн, Австралија.

Неверојатната Канаѓанка до златото стигна со нов светски рекорд кој изнесува 54.05 секунди што е за 54 стоти делови од секундата подобро од досегашниот кој беше сопственост на Американката, Келси Даила од минатата година. Сребрениот медал и припадна на Американката Тори Хаски, додека со бронза се закити Швеѓанката, Луис Хенсон.

Женската штафета на Соединетите Американски Држави на 4х100 метри мешано исто така оствари нов светски рекорд. Штафетата во состав: Клер Курзан, Лили Кинг, Тори Хаск и Кејт Даглас до златниот медал стигна со време од 3:44.35 минути што е за 17 стотинки подобро од досегашниот рекорд кој исто така беше во сопственост на Американките. Среброто и припадна на штафетата на Австралија, додека бронзата заминува во Канада.

Американецот Ник Финк го освои златниот медал на трката на 50 градно со нов рекорд на шампионатите 25.38 секунди. Сребрениот и бронзениот медал му припадна на италијанскиот двоец Николо Мартиненги и Симоне Черасуоло.

До рекорд на шампионатите стигна и неверојатниот Кореец, Сунво Хванг кој делницата од 200 метри слободно ја исплива за време од 1:39.72 минута што е трет најдобар резултат на сите времиња на оваа делница. Среброто му припадна на Давид Поповичи од Романија, додека со бронза се закити Британецот, Том Дин.

Се вчитува...