Јаневски: Победа за „Комитите“…Ристевски: Ни поништија чист гол

Вардар го совлада Пелистер со 1-0 и го разубави спектаклот на „Комитите“ кои славеа јубилеј – 30 години од своето постоење. Тренерот на шампионот, Чедомир Јаневски, е задоволен од триумфот и вели дека целиот тим се потрудил максимално за да се претстави во добро издание на ова дерби.

„Дерби мечевите со Пелистер секогаш имаат некоја посебна тежина. Тие покажаа дека имаат добар тим, а ние успеавме да победиме и да им подариме триумф на „Комитите“ на нивниот јубилеј. Всушност, ова е јубилеј на сите вардарци. Пелистер играше еластично, ги затвораше приодите кон својот гол, а ние во првиот дел се обидовме со неколку обиди од далечина. По постигнатиот гол, имавме неколку можности и да го затвориме дуелот со уште еден погодок, но секогаш избрзувавме со реакции, или шут од далечина, или погрешно проигрување. Во секој случај, победата е важна и сега се насочуваме кон следниот предизвик, дуелот со Зенит во Лигата на Европа“, изјави Чедомир Јаневски по триумфот над Пелистер.

Тренерот на битолскиот тим, Спасе Ристевски, вели дека Пелистер ги имал поизгледните шанси на овој меч и дека поништен им е чист гол од судијата Александар Ставрев.

„Мислам дека имавме поизгледни шанси од Вардар. Постигнавме и гол, мислам дека е постигнат од чиста позиција, иако ни го поништија. Ние имаме квалитетен тим, верувам јас во овие момци, иако се наоѓаме во некоја криза, од која треба да излеземе што е можно побрзо“, истакна Ристевски.

Се вчитува...