Да се загуби на европската сцена, посебно кога се работи за дебитантско учество меѓу најдобрите, дефинитивно не е најголемата трагедија за македонскиот фудбал… Но, начинот на кој македонскиот шампион оваа есен го презентира домашниот фудбал е повеќе од срамен.
Така беше и вечерва во Сан Себастијан каде избраниците на Чедомир Јаневски загубија од Реал Сосиедад со 3-0. Поразот на Вардар и толку не боли, колку начинот на кој „вардарци“ се презентираат во црвено-црниот дрес, без ниту најмала борба на терен, без желба, без мотив, без срце, без идеја…
Погледнувајќи ја завршната статистика од дуелот на „Аноета“ жален е впечатокот кој го отсликува Вардар и без воопшто да сте го следеле натпреварот. Само еден шут кон противничкиот гол, и тој апсолутно безопасен, со еден корнер, без ниту една шанса на дуелот, без ниту една акција, со посед на топка од 28%… И на крајот со заокружени 0-3, само затоа што противникот и не се заинтересирал за повеќе погодоци.
По вечерашниот пораз од 3-0, Вардар по четири натпревари од групната фаза сега е со гол-разлика од 1-17, убедливо најлошата во сите 12 групи од ЛЕ. Вардар е и единствената екипа, која по четири натпревари нема освоен бод во второто по квалитет европско клупско натпреварување!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА