Тој е најголемиот фудбалер во историјата на Македонија. За да се уверите колку го ценат во Италија, морате да заминете барем еден ден на „чизмата“ и да поразговарате со италијанските новинари, навивачи, фудбалери…За него со голем респект зборуваат и Џанлуиџи Буфон, Џорџо Кјелини, селекторот Џампјеро Вентура…А тој е толку обичен кога е меѓу Македонците, во својата земја, кога го носи дресот на Македонија. Тоа само ја покажува неговата човечка големина, дека ѕвездите се раѓаат на фудбалскиот терен, но луѓето се поважни во обичниот живот.
Горан Пандев во изминатиот циклус ја предводеше фудбалската репрезентација на Македонија со капитенската лента на теренот, но беше и лидер на подмладената селекција, десна рака на селекторот Игор Ангеловски, пример и идол за сите останати фудбалери… Можеби тоа и не беше толку впечатливо за обичниот фудбалски вљубеник, но Горан Пандев со секој свој потег даваше позитивен пример за градењето на одлична атмосфера во репрезентацијата на Македонија, каде веќе нема поделби како некогаш… Сега сите се респектираат еден со друг, а прв меѓу еднаквите секогаш тонот го дава токму капитенот. Неколку негови потези оставија белег на овој квалификациски циклус…
1. ПАНДЕВ ГО КРЕНА ВО РАЦЕ АЛИОСКИ ПО ГОЛОТ СО АЛБАНИЈА
Тоа беше старт на овие квалификации, а Македонија несреќно загуби од Албанија во Скадар со 2-1. Но, се чини дека невремето ги спаси Албанците, мечот беше прекинат поради силниот дожд и се доигра следниот ден. Израмнувачкиот погодок го постигна Езгјан Алиоски, кој во тој период се уште беше член на швајцарскиот Лугано, а Игор Ангеловски го повика и го уфрли во стартниот состав. Пандев покажа големина, кревајќи го Алиоски во раце, по израмнувачкиот гол.
2. ПАНДЕВ ГО ТЕШИ МОЈСОВ ПО ПРИМЕНИОТ ГОЛ СО ИЗРАЕЛ ВО СКОПЈЕ
Првиот меч на домашен терен во овој циклус, Македонија го загуби од Израел со 1-2. Одбраната имаше очајни интервенции на тој натпревар, а капитенот дојде и им даде поддршка на соиграчите. Пандев го бодри Даниел Мојсов, кој на тој меч играше во стоперската линија.
3. ПАНДЕВ БЕШЕ ПРОДОЛЖЕНА РАКА НА СЕЛЕКТОРОТ ИГОР АНГЕЛОВСКИ НА ТЕРЕНОТ И НАДВОР ОД НЕГО
Неговото искуство е непроценливо, и Горан Пандев апсолутно се стави во функција на колективот, а како продолжена рака на селекторот Игор Ангеловски на теренот, и надвор од него. Тој ужива неверојатна доверба кај помладите соиграчи, и e еден вид нивен ментор на теренот. Секогаш е потенциран како лидер на тимот, и од фудбалерите, и од стручниот штаб.
4. ПАНДЕВ Е ИДОЛ НА МЛАДИТЕ ФУДБАЛЕРИ, ГИ ПОСЕТУВА И МЛАДИНСКИТЕ АКАДЕМИИ
Како вистински идол на младите генерации, Горан Пандев наоѓа време и за да ги посети и да им даде дополнителен мотив на фудбалерите кои допрва ги прават првите чекори во фудбалската игра. Секогаш е тука да подели совет, и секако, да го зголеми своето семејство во Академија Пандев, со школи низ целата држава.
5. ПАНДЕВ МУ ДОЗВОЛИ НА ТРАЈКОВСКИ ДА ГО ШУТИРА ПЕНАЛОТ СО АЛБАНИЈА И ГО ВРАТИ ВО ГОЛГЕТЕРСКИ РИТАМ
Пенал за Македонија против Албанија, при негатива од 0-1. Капитенот Горан Пандев е прв „пеналџија“, но му ја препушта топката на Александар Трајковски, кој успева да го реализира. Истовремено, тој со гол го прославува својот 25. роденден, но и го разбива „малерот“, откако подолго време немаше постигнато погодок. По ова, Трајковски токму на асистенција на Пандев го совлада и Џанлуиџи Буфон во Торино, што на Македонија и донесе реми (1-1), а потоа погоди и на мечот против Лихтенштајн (4-0) во Струмица, и повторно на асистенција на Пандев.
6.ПАНДЕВ МУ ГО ОТСТАПУВА МЕСТОТО НА АРИЈАН АДЕМИ, А ПОТОА ПРВ СЕ РАДУВА НА НЕГОВИОТ ГОЛ
Малкумина се такви, големи фудбалски ѕвезди, кои нема да го ’кренат носот’ ако бидат повлечени во 60.минута од натпреварот на меч што го играат пред својата публика во родниот град, а немаат постигнато погодок (посебно ако се напаѓачи). Пандев без поговор ја прифати замената на селекторот Игор Ангеловски да му отстапи место на Аријан Адеми, кој на натпреварот со Лихтенштајн се врати на терените по двегодишна суспензија. И постигна прекрасен гол по само пет минути на теренот, а капитенот Пандев беше меѓу првите кои му истрчаа во прегратка.
7.ПАНДЕВ ЈА ПОКАНИ ЦЕЛАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА ВО СВОЕТО КАФУЛЕ
Горан Пандев во Струмица го има кафулето „19“, а при првата посета на репрезентацијата во неговиот град, ги покани сите соиграчи и стручниот штаб на кафе како вистински домаќин. Капитенот покажа респект кон своите колеги од репрезентацијата, сакајќи да им направи чест при првиот настап во квалификациите на стадионот „Младост“, пред мечот со Албанија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА