Поранешниот фудбалер на Шкендија, Ренова и Работнички, Мухамед Усеини се најде во непосакувана драма на вчерашниот натпревар за својот Фљамуртари во албанскиот шампионат.
28-годишниот Усеини во 20. минута од средбата против Луфтетари Ѓирокастро се најде во жесток дуел со противнички фудбалер по што паднал во несвест. Веќе постоела опасност да го проголта јазикот, но за среќа извонредно реагирале лекарот на Фљамуртари Ардијан Лука и неговиот асистент Олти Исарај кои во рекордно кратко време успеале да го извлечат македонскиот фудбалер.
За кратко време Усеини се освестил по што веднаш е префрлен во најблиската клиника каде била извршена хируршка интервенција на расекотина на лицето која ја добил по судирот, а е задржан и дополнително за детални анализи.
„Јазикот веќе беше паднат надолу. Беше гол шок како за сите фудбалери на теренот, но и за нас. Сепак интервениравме на време. Усеини беше без свест, па потоа го пренесовме до болница. Сега е добар без посериозни проблеми, освен конците кои ги доби за шиење на брадата“ – изјави за албанските медиуми човекот кој го спаси Усеини, доктор Ардијан Лука.
Мухамед Усеини од оваа сезона се префрли во редовите на Фљамуртари Валона од таборот на Ренова каде настапуваше претходно. Во својата кариера има настапи и за македонската сениорска репрезентација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА