На програмата денеска е деветтото коло од Првата фудбалска лига, а покрај дербито кое се игра во Битола меѓу Пелистер и Шкендија, има уште три интересни натпревари. Ќе биде навистина интересно да се види како ќе реагира Работнички со новиот тренер Горан Станковски на денешното гостување на „Железарница“ против последнопласираниот тим на Скопје. Иако е на последната позиција, Скопје на домашен терен игра многу цврсто, па му откина бод на шампионот Вардар и да последните мигови го намали лидерот на табелата Шкендија. Сега „романтичарите“ ќе гостуваат на овој стадион, и ќе бараат рехабилитација за слабиот старт на првенството.
„Не размислуваме за ништо друго освен за победа“, порачуваат од таборот на Работнички.
Хитот на првенството, тимот на Академија Пандев, денеска ќе гостува во Кратово. Силекс освои бод против Работнички во минатото коло, но сака да го заокружи и со триумф на домашен терен против новиот прволигаш кој прикажува одлични игри на почетокот од сезоната. И покрај добриот старт, „пандевци“ не сакаат еуфорија и велат дека и понатаму нивна главна цел е опстанокот, а Силекс секогаш има амбиции за излез на европска сцена.
Во Тетово, Ренова ќе го пречека составот на Победа. Прилепчани се единствените кои ремизираа против Шкендија оваа сезона, а тоа значи дека им ’лежи’ стадионот во Тетово. Со новиот тренер Славољуб Бубања ќе се обидат да стигнат до позитивен резултат и на овој меч. Но, и на Ренова и се потребни бодови за да се искачи кон горниот дел од табелата.
Утре на арената „Филип Втори“, шампионот Вардар ќе го пречека Шкупи, откако се врати од далечното гостување во Норвешка, настапувајќи во групите од Лигата на Европа.
ДВОЈКИ – 9. КОЛО
Битола: ПЕЛИСТЕР – ШКЕНДИЈА
Скопје: СКОПЈЕ – РАБОТНИЧКИ
Кратово: СИЛЕКС – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ
Тетово: РЕНОВА – ПОБЕДА
УТРЕ
Скопје: ВАРДАР – ШКУПИ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА