Шефот на стручниот штаб на Вардар, Чедомир Јаневски на прес-конференцијата на стадионот „Леркендал“ во Трондхајм ги искажа своите очекувања пред утрешниот натпревар против Розенборг во 2. коло од Лигата на Европа.
„Имаме респект за нашиот противник, затоа што има огромно искуство со европски натпревари. Но, ние веруваме во нашиот квалитет и веруваме дека можеме да стигнеме до позитивен резултат. Не би сакал никого да издвојам од противничката екипа, бидејќи тие се добри како колектив. Ги гледавме неколку пати оваа сезона, направивме добра анализа. Подготвени сме да се надигруваме со противникот. Сите го знаеме Бендтнер кој што има играно во големи клубови, има многу вакви натпревари, но исто така Розенборг е екипа која што поседува одлични играчи во средината на теренот. Не можам да кажам дека сигурно ќе победиме, тоа е тешко да се каже особено на вакви натпревари, но дојдовме тука да одиграме добар натпревар, и се наевам дека тоа ќе ни донесе позитивен резултат. И ние и Розенборг имавме лош старт во групната фаза од Лигата на Европа, и сега на некој начин двата тима ги посакуваме првите бодови“ – истакнал Јаневски на прес-конференцијата во Норвешка, а пренесува официјалната интернет страница на Вардар.
Јаневски претходно во својата кариера веќе водел тим на стадионот „Леркендал“. Во 2005 година како тогашен помошник тренер на Олимпијакос, на овој терен Јаневски одигра нерешено 1:1.
„Се сеќавам на тој натпревар, одигравме 1:1. Од она што знам дека не е лесно да се игра тука. Станува збор за типично скандинавска екипа која што физички е добро подготвена. Одлични се во воздушните дуели. Ќе бидат тоа, навистина, тешки 90 минути“, изјави шефот на стручниот штаб на „црвено-црните“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА