Еден од најголемите таленти на македонскиот фудбал, Владан Новески го доби својот прв стипендиски договор со српскиот суперлигаш, новосадска Војводина.
Новески, на само 15 години, веднаш по освојувањето на шампионската титула со Војводина во категоријата пионери во првенството на Србија, потпиша тригодишен договор со новосаѓани издвојувајќи се и како еден од најдобрите фудбалери на тимот во изминатава сезона.
„За мене е огромна чест да ги поздравам шампионите. Војводина отсекогаш била клуб расадник на бројни таленти. Мило ми е што уште еднаш покажавме дека Војводина знае како се школуваат фудбалери и како може да се донесат до степен на врвни професионалци. Како награда за овие млади момчиња кои ја донесоа титулата за клубот следат стипендиските договори“ – истакна претседателот на Војводина, Душан Мијиќ.
Владан Новески веќе е кооптиран во младата репрезентација на Македонија за играчи до 16 години која ја водат Горан Станиќ и Марио Вујовиќ. Како капитен на Војводина, пред само неколку денови го понесе и пехарот по освојувањето на шампионатот на Србија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА