Кире Лазаров се наоѓа на еден чекор до трофејно простување од Барселона, откако каталонскиот гигант денеска славеше над Гранолјерс (37-23) и се пласираше во големото финале од Копа дел реј. Со тоа, македонскиот ас доби можност со триумф во утрешното финале да се збогува со трофеј од Барса, тимот во кој мина бројни фантастични моменти и освои многу трофеи на шпанската, европската и светската ракометна сцена.
Денешното полуфинале очекувано мина во целосна доминација на Барселона, откако тимот на Лазаров и Ристовски уште во првото полувреме си создаде предност од одлични седум гола разлика (17-10). Одличниот настап на Барса продолжи и во вторите 30 минути, во кои каталонците стигнаа до двоцифрена победа од 37-23.
Кире Лазаров постигна два гола од пет обиди, Борко Ристовски не влезе во игра, а најефикасни во редовите на Барселона при денешниот триумф беа Ривера со осум и Гарсија Робледо со четири погодоци.
Лазаров по заминувањето од Барселона ќе се пресели во Нант и пред крајот на својата кариера ќе заигра и во силната француска лига.
Барса во утрешното финале ќе се сретне со подобриот од полуфиналната пресметка меѓу Ла Риоха и Анаитасуна.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА