Во пресрет на големиот боксерски спектакл во Лондон и долгоочекуваниот меч за ИБВ, ВБА у ИБО титулите меѓу Ентони Џошуа (27) и Владимир Кличко (41), украинскиот боксер се подготува на Алпите и се огласи со необична порака.
Кличко кој во својот последен меч во 2015 година беше поразен од Тајсон Фјури по 11 години без загубен дуел, сега делува максимално мотивирано и со голема самодоверба го најавува дуелот со Џошуа.
„На Монт Еверест можете да се искачите само во одреден период од годината, две недели во април. Ако стигнете до врвот, ќе кажете: „Го освоив Монт Еверест“, но тогаш мора да се спуштите затоа што планината и понатаму може да ве убие. Многумина умираа таму. Некои и се враќаат, но дали е Еверест поразен – не. Тој се уште стои таму горе“ – симболично ја пренесува пораката украинскиот боксер.
Владимир Кличко во својата кариера откако стана професионален боксер во 1996 година, има добиено 64 борби од кои 53 со нокдаун. Искусниот Украинец иако е веќе во повозрасни години, се уште е опасен противник дури и за непобедивиот Ентони Џошуа.
„Вакви шанси не се добиваат секој ден. Ќе боксувам со ѕвезда во подем, тоа е извонредно. Му реков, ако ме победи ќе му честитам. Но, ако јас победам ќе му помогнам да се врати, како што се вратив јас. Ќе бидам негов ментор“ – вели Кличко.
Мечот кој лани беше откажан поради повредата на Украинецот, конечно ќе се одржи на 29 април пред 90.000 гледачи на „Вембли“ и ќе биде најголем боксерски спектакл во Европа.
„Имам извонредна шанса да ги вратам повеќето од титулите и ќе се борам против момче кое е на мое ниво. Мислам дека шансите ни се 50-50“ – најавува Кличко.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА