Баерн Минхен утре ќе се обиде да го совлада Реал Мадрид на „Алијанц Арена“, а Карло Анчелоти има причина за загриженост откако Роберт Левандовски не можеше да гo издржи денешниот тренинг на баварскиот гигант. Полскиот голгетер се повреди за време на големото дерби со Борусија Дортмунд, кога предвреме беше заменет, а во последните денови состојбата не му се подобри.
Анчелоти се надеваше дека денеска Левандовски ќе може да тренира со остатокот од тимот, но само дваесетина минути подоцна Полјакот разочарано се пожали дека болката е пресилна за да продолжи, по што се упати кон соблекувалната.
Лекарскиот тим на Баерн ќе се обиде да го оспособи полскиот ас за настап на супер-значајниот дуел со Реал на кој германскиот првак ќе настојува да постигне најмалку еден до два погодоци за да си ги зголеми шансите за пласман во полуфиналето во Лигата на шампионите. Доколку Левандовски не биде „фит“, тогаш Анчелоти ќе биде принуден утрешниот дуел да го стартува со Томас Милер како најистурен во нападот на Баерн.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА