Надеж се уште има: Вардар со плус пет на полувреме против Монпелје

Ракометарите на двократниот европски шампион Вардар имаат позитива од 17-12 на полувреме против Монпелје во реваншот од четвртфиналето во Лигата на Европа и со тоа анулираше половина од негативата од првипт меч.

Хорига и Малус се вратија во тимот на Вардар за овој меч, а токму Украинецот беше стрелец на првиот гол за нашиот тим со кој израмни на 1-1 во 3. минута.

На голот одличен повторно беше Валах кој за четири минути забележа дури четири одбрани, а во листата на стрелците се запиша и Јака Малус за водство на домаќините од 2-1. Иако избраниците на Чупиќ играа одлично во одбраната, тоа не успеваа да го материјализираат во нападот па по девет минути игра имаа само еден гол предност од потребните десет (3-2).

Двократниот европски шампион продолжи со одличната игра во одбрана, но почна и да погодува во нападот, па со голот на Митровиќ во 13. минута за првпат стигна до плус три 6-3. Одличната игра продолжи и во следниот период, а Да Силв во 18. минута стрелаше прецизно за плус четири 10-6. Следуваше погодок Воркапиќ за 12-7, по кој еруптираше вулканот во Јане Сандански.

Лоша вест за домаќинот беше тоа што во следниот напад остана без Митровиќ кој доби син картон поради груб старт на искусниот Порт. Французите кои очигледно беа исплашени од атмосферата продолжија со провокациите не само кон играчите туку и кон публиката. Со големиот број прекини кои ги исценираа го успорија брзото темпо на нашиот тим, па откако намалија на 13-10 во 24. минута Иван Чупиќ мораше да го побара својот прв тајм аут. До крајот на првиот дел нашиот тим дојде и до плус пет (17-12).

 

Се вчитува...