Македонија ја оствари првата победа во квалификациите за СП 2018 во Русија победувајќи го сигурно Лихтенштајн на гости со 0-3. Првиот гол беше ремек – дело на младиот Бобан Николов, а потоа два пати Илија Несторовски се запиша меѓу стрелците. Во финишот имаше можност и за хет – трик, но не успеа да го реализира пеналот.
Вчерашниот ден неочекувано репрезентативците го минаа малку подолго на аеродромот во Цирих, но ниту тоа не го расипа расположението од првата победа во квалификациите. Имаше доволно време за мини-интервју со Нестор-гол, сензацијата во Италија и нашата нова ударна игла во нападот во националниот тим.
’На прва’, секако дојде прашањето за пеналот и неискористената можност за хет – трик.
„Капитенот Горан Пандев сакаше да стигнам до хет – трик и ми го довери изведувањето на пеналот, иако тој од селекторот беше одреден за прв ’пеналџија’. Го прифатив предизвикот, но, за жал, не реализирав. Решив да шутирам силно по средината на голот, но голманот на Лихтенштајн одбрани. Не било судено. Изгледа немаше сила за да падне“, вели малку и на шега, Илија Несторовски. Потоа и продолжува максимално сериозно, истакнувајќи ја важноста на оваа победа против Лихтенштајн.
„Ова е голема победа за нас. Конечно, освоивме бодови, иако ги заслуживме и многу порано според прикажаните игри. Да не се навраќаме сега што се ни се случуваше против Албанија, Израел и против Италија. Имавме бодови в џеб, среќата ни ги однесе. Но, од тој аспект ова е многу значаен триумф, а сега можеме да размислуваме и да атакуваме на уште едно место погоре во квалификациската група. Имаме квалитет за такво нешто, а се повеќе добиваме и на самодоверба“, вели Несторовски.
Кога е самодовербата во прашање, Нестор-гол е еден од оние кои ’пукаат’ од самодоверба, секогаш верува во своите способности, па дури и кога се игра против една Италија.
„Отсекогаш сум верувал во себе. Дури и во минатото, кога мојата кариера не одеше по ваков пат. Треба да работиш напорно и да веруваш дека можеш да победиш секого. Со таква мисла секогаш излегувам на теренот, било во клубот, било во репрезентацијата. И допрва ќе има победи со репрезентацијата на Македонија, верувам во тоа“, порачува двојниот стрелец од Вадуз.
На крајот, и малку италијанска приказна. Десет гола во својата прва сезона во Серија А, блесок во дресот на Палермо и грчевита борба со Палермо за опстанок во елитното друштво.
„Се чувствувам прекрасно во Палермо, одлично сум прифатен, успеав да се пронајдам себеси. Моја работа се головите, се трудам да ги има што повеќе, но секако дека главниот приоритет е да се обидеме Палермо да го задржи прволигашкиот статус во Серија А. Се уште има шанси, не се предаваме, сега не очекува важна средба со Калјари по репрезентативната пауза, а директниот конкурент Емполи на крајот од сезоната исто така ни гостува. Тие имаат седум бода предност, но има уште многу да се игра и сите веруваме дека тоа не е недостижно“, истакнува Илија Несторовски.
Сите зборуваат за трансфер, големи европски клубови се заинтересирани…
„Не би сакал да зборувам на таа тема. Сега сакам фокусот да го задржам на што е можно подобри игри во репрезентацијата и во Палермо“, заврши Нестор-гол…Нека продолжи да дава по два гола, па не е проблем и да го ’прекрстиме’. Ќе биде Нестор-гол-гол.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА