Македонскиот фудбалски репрезентативец Езгјан Алиоски од следната сезона би можел да го носи дресот на италијанскиот калчолигаш Аталанта, дознава ЕКИПА. Скаути на овој клуб веќе подолг период ги следат игрите на Алиоски во Лугано, при што брзоногиот крилен играч оставил одличен впечаток. Тој има постигнато десет гола за Лугано оваа сезона и еден од најдобрите играчи во швајцарскиот шампионат. Со добри игри се наметна и во македонскиот национален тим.
Аталанта ова лето се очекува да ја напуштат дел од најдобрите фудбалери, со оглед дека за нив има голем интерес од големите италијански и европски клубови. Андреа Петања, Франк Кеси и Алехандро Гомез се наоѓаат на радарот на Јувентус, Интер, Баерн Минхен, Манчестер сити, па тренерот Џампјеро Гасперини веќе има подготвено замени. Една од неговите желби е и Езгјан Алиоски, кој со својата брзина би можел да се вклопи одлично во стилот на играта на Аталанта.
Во претходните неколку месеци за Алиоски интерес појавија и германските бундеслигаши Ајнтрахт Франкфурт и Вердер Бремен, како и швајцарските прволигаши Јанг Бојс и Базел.
Езгјан Алиоски не играше на синоќешниот квалификациски натпревар меѓу Лихтенштајн и Македонија поради жолти картони, но се приклучи на националниот тим и се очекува да настапи против Белорусија на пријателскиот натпревар во вторник во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА