Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми во октомври оваа година ќе може да се врати на фудбалските терни, откако Абритражниот суд во Лозана ја намали неговата казна од четири на две години суспензија.
Но, се чини дека Адеми не е до крај задоволен од оваа одлука, затоа што и самиот суд утврдил дека е комплетно невин и дека воопшто не лажел кога е во прашање употребата на недозволени средства. И во Динамо Загреб, како и самиот Адеми, се незадоволни затоа што располагаат со сите можни докази кои одат во корист на македонскиот репрезентативец.
Интересно е дека во одлуката на ЦАС стои дека Адеми не лажел, но очигледно се немало храброст за целосно укинување на казната. И самиот факт дека три пати се одложуваше донесувањето на одлуката од октомври 2016 па до 24. март 2017 јасно потврдува за невиноста на Аријан Адеми.
Како и да е, Адеми вчера се огласи преку својот фејсбук профил потенцирајќи дека „правдата е правда“, заблагодарувајќи на сите за поддршката.
Се враќа во октомври за дуелите со Италија и со Лихтенштајн
Но, по вчерашниот став од Лозана, кој е конечен, јасно е дека повеќе нема можност за жалби. Оваа одлука е конечна, па ни останува да го чекаме враќањето на Адеми во македонската репрезентација во октомври.
Според последните информации, Адеми ќе може да почне да игра од 7. октомври. Квалификацискиот натпревар со Италија на гостински терен го играме на 6. октомври во Удине, па се очекува со оглед на тоа што се работи само за еден ден да се добие дозвола од УЕФА за настап. Последниот натпревар во овој квалификациски циклус, пак, го играме на 9. октомври против Лихтенштајн во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА