Сакаме победа: Кога – ако не сега, каде – ако не овде во Вадуз?!

ЕКИПА во Вадуз, Лихтенштајн

Никола Ѓуровски

Петти предизвик за Македонија во квалификациите за СП 2018 во Русија. Ако досега ние важевме за аутсајдери, да не зборуваме против Шпанија или Италија, а и против Израел и Албанија, дојде време да се пресметаме против најслаборангираната селекција во нашата група, Лихтенштајн. Можеби оваа генерација на македонски репрезентативци и нема право да се нарекува супер – фаворит против никого во светот, но дефинитивно ја има на свои плеќи фаворитската улога во пресрет на вечерашниот меч во Вадуз.

И традицијата, и квалитетот, а и моментната ситуација која вели дека Лихтенштајн е ’десекуван’ и ќе игра без комплетната одбрана која стандардно ги почнува натпреварите во квалификациите, наложуваат Македонија да е голем фаворит. Но, тоа, како што вели капитенот Горан Пандев, ќе треба да се оправда на теренот. И не само тој, туку сите наши репрезентативци имаат речиси идентичен стил на однесување…„Не сме супер фаворити, но ако одиграме како што знаеме – треба да победиме“, е генералната девиза.

Ја кажа еден, ја повторуваат сите, и конечно – на теренот на „Рејнпарк“ треба да ја спроведат сите заедно.

IMG_1432

Немаме победа на гости цели седум години, а последен пат победивме сличен ваков ривал – Андора. Немаме ниту еден бод во квалификациската група, иако Македонија остави солиден впечаток на сите мечеви што ги играше во овој циклус. Но, фудбалот се гра за победи, за бодови, за голови…И тука се наметнува главното прашање.

Кога ќе победиме – ако не вечерва со Лихтенштајн, и каде би победиле на друг меч на гости – ако не вечерва во Вадуз?! Едноставно селекторот Игор Ангеловски и фудбалските репрезентативци мора да одговорат на предизвикот и да докажат дека вредат барем малку повеќе од аматерските селекции од Европа и светот, со кои веќе се рангирани на позициите на ФИФА – листата. Само теренот е мерило и само таму се покажува квалитетот. Зборовите остануваат запишани само во најавите како оваа, а еве што изјави селекторот Игор Ангеловски.

„Дојдовме да победиме овде во Вадуз. Очекувам да одиграме квалитетно, да наметнеме своја игра и да стигнеме до првата победа. Сите сме максимално фокусирани на истата цел, да стигнеме до првите три бода во овие квлификации. Мислам дека се подготвивме добро, го анализиравме противникот, ги знаеме нивните добри и лоши страни, знаеме што треба да направиме. Останува да излеземе максимално мотивирани на вечерашниот меч и да оствариме триумф“, истакна селекторот Игор Ангеловски.

Сите сакаме победа. Сите очекуваме победа. Кога – ако не сега, каде – ако не овде во Вадуз?!

Се вчитува...