ЕКИПА во Вадуз, Лихтенштајн
Никола Ѓуровски
Некогаш си велевме, ако не го победиме Лихтенштајн…ама и тоа се случи, со Штокласа и 1-1. Тоа ни е единственото реми, и имаме четири победи во досегашните меѓусебни мечеви. Дојде денот за нов мегдан, а сега и на рејтинг листата на ФИФА не сме баш за некоја посебна пофалба. Ние околу 160 и кусур, тие малку подолу. Па, затоа и македонските фудбалски репрезентативци не се чувствуваат како екстра големи фаворити за вечерашниот дуел.
„Не можам да кажам дека сме екстра фаворити и дека ете посилни сме две или три класи од противникот. Тоа не е дозволиво во денешниот модерен фудбал, а и реално, не е Македонија сега веселила. Но, сакаме да победиме, тоа е јасно, конечно да ги освоиме првите бодови во овие квалификации и да тргнеме напред, одовде од Вадуз. Верувам дека сите ќе го дадеме својот максимум и со едно квалитетно издание ќе ја оствариме планираната цел. Тоа секако е победа“, вели Стефан Ристовски, кој потенцира и дека засега не мисли на евентуален трансфер во Спортинг Лисабон.
„Сега ме интересира само настапот за Македонија, а до крајот на сезоната и натпреварите на Ријека во хрватското првенство. Сето останато им е препуштено на менаџерите и за понудите ќе размислувам по крајот на сезоната“, дополнува тој.
Вториот ’наш од Хрватска’ е Музафер Ејупи. Тој е за првпат на списокот на селекторот Игор Ангеловски и смета дека конечниот исход на вечерашниот меч сепак зависи од изданието на Македонија.
„Фаворити сме, иако е тоа само некоја најава на хартија, а се што ќе биде важно ќе се случува на теренот. Но, мислам дека исходот зависи од нашето издание.Доколку бидеме на ниво, мислам дека ќе успееме да ги прикнижиме првите бодови. Токму тоа и го посакуваме“, истакнува Ејупи.
Натпреварот меѓу Лихтенштајн и Македонија се игра вечерва, на „Рејнпарк“ стадионот во Вадуз, со почеток во 20.45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА