Работник става акцент на доведување на млади македонски ракометари за вториот дел од натпреварувачката сезона, па битолскиот прволигаш постигна договор за ангажман на двајца младински репрезентативци. Станува збор за Томи Јагуриновски и Горан Крстевски од Металург, двајца ракометари кои не се во фокусот на вниманието на Лино Червар, па ќе им биде дозволено да се преселат во Битола до крајот на сезонава.
Работник како одличен домашен проект обезбеди влез во ракометната елита во нашата земја, но на стартот од сезонава неочекувано се инсистираше на ангажман на бројни странски засилувања. Се чини дека тој тренд полека, но сигурно се прекинува со доаѓањето на Андон Бошковски за нов тренер, па екс-стратегот на Вардар фокус ќе стави и на помладите македонски играчи. Крстевски, кој настапува како среден бек, и крилото Јагуриновски, кои ќе бидат дел од националниот тим на младинскиот мундијал во Алжир, доаѓаат на позајмица до крајот на сезонава, со можност на лето целосно да бидат откупени нивните договори со Металург.
Тимот на Работник по првиот круг од ракометната Прва лига се наоѓа на третото место со 28 бода, шест помалку од лидерот Пелистер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА