Роберто Парондо со успех го води бундеслигашот Мелсунген, но екс-тренерот на Вардар сериозно размислува за чекор напред во кариерата – и преселба на клупата на ПСЖ.
Шпанецот во 2018 година го наследи Раул Гонзалес на клупата на Вардар и успеа да стигне до европската титула со „црвено-црните“, а Парондо сега повторно ќе тргне по стапките на „Ел Команданте“, кој до пред неколку сезони седеше на кормилото на гигантот од Париз.
Штефан Мадсен моментно е тренер на ПСЖ, но управата не е најимпресионирана од резултатите на овој стратег, пред се во Лигата на Шампионите. „Светците“ не планираат смена летово, туку ќе почекаат уште една година, по истекот на договорот во јуни 2027 ќе се разделат од Мадсен, а на негово место планираат да го доведат Парондо.
Договорот на Шпанецот со Мелсунген исто така истекува на крајот од наредната сезона, па екс-тренерот на Вардар би можел без никаква отштета да се пресели во Франција. Како што информира весникот „Л’Екип“, преговорите се во напредна фаза и наскоро би можел да биде потпишан официјален договор што би стапил во сила од 1 јули 2027 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
