Сања Адамовска МВП на воведното коло во Првата лига

Сања Адамовска го одбележа стартот на сезоната со највисок индексен учинок, додека Зара Стојковска блесна со 27 поени на историското деби на Гевгелија во елитното друштво.

Премиерното коло од „Шпаркасе Лајф“ Првата лига-жени донесе неколку впечатливи индивидуални остварувања. Во центарот на вниманието е Сања Адамовска од Баскет Кам, која беше на само еден скок од троен ефект, а натпреварите од првата рунда ги одбележаа и високите поентерски достигнувања и одличните сестрани настапи на кошаркарките кои се најдоа во Петорката на колото.

САЊА АДАМОВСКА (БАСКЕТ КАМ)

Искусниот бек на Баскет Кам одигра максимални 40 минути против МЗТ Скопје, постигна 13 поени, со одлични 3/4 во обидите за три поени, и подели десет асистенции. На нејзиното салдо му недостасуваше само еден скок за троен ефект, откако забележа и девет скока. Додаде и шест освоени топки, а настапот го заокружи со 28 индексни поени, највисок учинок во воведното коло.

ЗАРА СТОЈКОВСКА (ГЕВГЕЛИЈА)

Зара Стојковска имаше одличен настап на премиерата на Гевгелија во најсилната женска конкуренција. Во победата над Патриот 2016, младата кошаркарка реализираше 27 поени, со 7/9 за два поени и беспрекорни 4/4 од линијата за слободни фрлања. Нејзиниот учинок беше дополнет со пет скока, четири асистенции и две освоени топки, за индекс од 27.

ИНА РАШОВА (ПАТРИОТ 2016)

На спротивната страна, Ина Рашова беше најефикасна во составот на Патриот 2016. За помалку од 27 минути на паркетот постигна 22 поени, а имаше и седум скока, една асистенција и една освоена топка. Со индекс од 27 поени се најде меѓу најдобрите индивидуалки во првото коло.

ЈОВАНА ПЕТРУШЕВСКА (БАДЕЛ 1862)

Важен придонес во гостинската победа на Бадел 1862 против Тиквеш Голд Игл во Кавадарци имаше Јована Петрушевска. За нешто повеќе од 33 минути игра постигна 14 поени, а забележа и по осум скока и асистенции. На тоа додаде три освоени топки и две блокади, за вкупен индекс од 24.

МЕЛИСА ДОНМЕЗ (ВАРДАР)

Петорката ја комплетира Мелиса Донмез од Вардар, која имаше одлично деби во новиот дрес. На првиот настап за вардарки реализираше 16 поени, со четири погодени тројки од седум обиди, а запиша и десет скока и четири асистенции. Нејзиниот настап, одигран за 25 минути и 47 секунди, донесе индекс од 24.

Пет различни индивидуални приказни, но заеднички именител – силен почеток на сезоната и најава за интересна трка за најдобрите поединечни остварувања во „Шпаркасе Лајф“ Првата лига-жени.

ПРВА ПЕТОРКА

Сања Адамовска (Баскет кам)

Зара Стојковска (Гевгелија)

Ина Рашова (Патриот 2016)

Јована Петрушевска (Бадел 1862)

Мелиса Донмез (Вардар)

ВТОРА ПЕТОРКА

Теа Трајковска (Вардар)

Таниа Гордон (Крива Паланка)

Мариса Ли (Крива Паланка)

Јана Пислевска (Вардар)

Симона Деловска (Гевгелија)

Се вчитува...