Далас маверикс потврди дека се наоѓа во одлична форма откако само 24 часа по големата победа над Сан Антонио овој тим славеше и во пресметката со шампионот Кливленд, триумфирајќи со 104-97. Четири од петте стартери на Далас (исклучок беше Новицки со осум поени) имаа двоцифрен ефект, најефикасен беше Харисон Барнс со 24 поени и 11 скокови, а најпријатно изненадување беше бекот Јоги Ферел, кој до пред неколку дена настапуваше во развојната Д лига, за синоќа да му даде 19 поени на актуелниот шампион. Кливленд на овој натпревар настапи без Кевин Лав, во чие отсуство Леброн Џејмс постигна 23, а Ирвинг 18 поени, но двете најголеми ѕвезди на шампионот имаа очајна шутерска вечер од далечина (вкупно 2/14).
Мајами хит конечно влезе во посакуваниот ритам, па победата од 104-96 беше осма во низа за „жешките“ од Флорида. Словенецот Горан Драгиќ беше главна фигура на овој меч со 20 поени и 9 асистенции, Дион Вејтерс постигна 19, а Џејмс Џонсон беше стрелец на 17 поени за Мајами.
Бостон во интересен натпревар славеше над Детроит со 113-109, пред се благодарение на Ајзеа Томас и неговото шоу во последната четвртина. Плејмејкерот на селтикси го заврши мечот со 41 поен, од кои дури 24 ги постигна во четвртиот период од средбата, носејќи го Бостон до импресивен скор од 30-18, само два меча зад Кливленд во трката за првото место во Источната конференција.
Резултати НБА:
Филаделфија – Сакраменто 122-119, Мајами – Бруклин 104-96, Бостон – Детроит 113-109, Минесота – Орландо 111-105 (по прод.), Далас – Кливленд 104-97, Феникс – Мемфис 96-115.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА