Ракометната Федерација на Македонија изрази голема благодарност до Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија, за финансиската помош во износ од 6,6 милиони денари добиени по основ на новиот Закон за спорт, односно измените во Законот за игри на среќа. Од горенаведените средства, шест милиони денари се наменети за настапот на македонската сениорската ракометна репрезентација на Светското првенство во Франција кое ќе се одржува од 11-29 јануари годинава, во неколку градови во Франција, додека 600.000 денари се наменети за организација на квалификацискиот турнир за младата ракометна селекција (У-21) за мундијалот во Алжир, турнир што од 4-8 јануари се одржува во Скопје.
Претседателот на Ракометната Федерација на Македонија, г. Живко Мукаетов, по повод потпишувањето на Договорот за финансирање на настани организирани од Ракометната федерација на Македонија, истакна дека секоја помош во Федерацијата е добредодена, а овие средства ќе се насочат за поефикасно менаџирање на веќе отпочнати и исклучително значајни проекти за Федерацијата.
„Ваквиот потег претставува дополнителен мотив, особено за репрезентативците кои месецов ќе ги бранат боите на Македонија на Светското првенство во Франција. Покрај тоа, ова ќе ни овозможи и нам како Федерација уште поактивно да бидеме вклучени во активностите на сите помлади категории, а не да бидеме насочени само кон „А“ селекцијата. Периодов ни следуваат организации на квалификациски турнири и други активности, па ова е еден дополнителен импут кон уште посериозен пристап во делот на реализацијата на зацртаните проекти. Покрај сите останати ресурси, за врвен спорт се потребни пари, па поради тоа, неопходно е да постои добра синергија помеѓу државата и спонзорите како значајни помагатели на спортот, за на долг рок да испорачуваме резултати на кои сите ќе бидеме горди. Во таа насока, добро е што како една сериозна федерација, најпосле ќе добиеме една посериозна помош од Агенцијата за млади и спорт. Ние и досега добивавме одредени средства, но над 90% од средствата кои РФМ ги обезбедуваше во текот на годината, беа од приватните спонзори кои се дел од Управниот одбор“ – изјави Мукаетов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА