Борко Ристовски запиша уште еден двоцифрен учинок на голот на Барселона во АСОБАЛ лигата. Во натпреварот од 19.коло, Барселона на домашен терен лесно го совлада второпласираниот Адемар Леон со 28-20 и уште еднаш ја потврди својата супериорност во шпанското превенство во кое веќе неколку сезони по ред, каталонскиот тим нема достоен ривал. Ристовски го заврши натпреварот со 14 одбрани и со 41 проценти на успешност на голот.
Како и на претходните дуели, Барелона во текот на целиот натпревар имаше целосна контрола на играта и на резултатот. Избраниците на тренерот Чави Пасквал по првото полувреме имаа предност од 17-12, а потоа рутински ја задржаа разликата и во вториот дел и запишаа уште една очекувана победа. Најефикасен во составот на Барса беше Валеро Ривера со 11 погодоци, а значаен придонес имаше и Борко Ристовски со сигурното издание на голот.
За Барселона која годинава нема загубен бод, ова беше десетата победа во серија вкупно во АСОБАЛ и во Лигата на шампионите. Следен во календарот на Барса е дуелот во Лигата на шамопионите против Кристијанштад на гостински терен на 24 февруари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА