Како што наближува крајот на сезоната во ПМФЛ, комбинаториките во борбата за подобри позиции стануваат погласни, при што секоја страна јасно знае кон што цели.
ФК Пелистер како прволигашки клуб со голема традиција е повеќе од локален бренд, но оваа година имаше слаб старт на сезоната и се уште го нема потврдено опстанокот во елитното друштво за следната година.
Оттука, целта на битолските „зелено-бели“ е јасна и недвосмислена, а резултатите во пролетниот дел на сезоната говорат дека нивната кампања е поуспешна отколку во есенскиот дел.
Откако успеа да се врати непоразен од дуелите со директните конкуренти Работнички, а претходно да избори позитивни резултати со Вардар, Шкендија и Силекс, денеска Пелистер од 16 часот во 31. коло го пречекува Шкупи на домашен терен.
„Иако Шкупи настапува со подмладен состав, нашиот респект кон овој клуб со голема традиција и голем број освоени трофеи мора да биде на ниво. Никој не смееме да потцениме, бидејќи нивните играчи се борат до последно и се обидуваат „скапо да си ја продадат кожата“. Пелистер преферира сам да си ја заврши работата и да не чека како ќе завршат другите натпревари. Согласно тоа, од играчите секогаш го барам истото, да играат дисциплинирано и ангажирано, односно на терен да ја покажат желбата за победа и својот квалитет, а не со празни зборови. Ние мора да си го одработиме нашиот дел, бидејќи опстанокот во ПМФЛ нема да се случи ако континуирано не освојуваме бодови и не ги користиме шансите. Затоа повеќе пати апелирав играчите добро да се мотивираат и во никој случај да не го потценат противникот“, изјави Марјан Секуловски, шеф на стручниот штаб на Пелистер.
“Свесни сме дека сме фаворити, но тоа мора да го покажеме на терен. Ќе влеземе максимално мотивирани во натпреварот бидејќи тој може да ни донесе три важни бода. Слично како натпреварот со Македонија ЃП, мора да бидеме максимално мотивирани и фаворитската улога да ја покажеме низ нашата игра“, додава Габриел Крстевски.
Екипата на Шкупи, пак, веќе ги прави плановите за настап во Втората лига, но во финишот од елитното првенство, чаирчани сакаат да го искористат секој момент за калење на младите таленти.
Денешното гостување кај Пелистер се смета за идеален тест за младинците, кои низ жешката атмосфера во Битола треба да соберат неопходно искуство.

Еден од столбовите на новиот бран е Венис Кока. Тој е убеден дека тимот е максимално подготвен да одговори на притисокот под „Тумбе Кафе“, каде домашните по секоја цена ќе бркаат бодови за опстанок.
„Нè очекува пеколно тешко гостување во Битола. Пелистер е мотивиран, но ние работевме напорно цела недела и сме подготвени за борба. Секој играч сонува за вакви натпревари – полни со адреналин и притисок. На терен излегуваме со карактер и самодоверба“, изјави Кока.
Традицијата во последните меѓусебни дуели е на страната на Пелистер, кој забележа победи на последните три натпревари. Сепак, во вкупниот биланс, Шкупи е поуспешен со 15 победи во досегашните 20 средби, додека Пелистер има 5 победи, а 5 натпревари завршиле нерешено.
Натпреварот меѓу Пелистер и Шкупи се игра денеска на стадионот во Битола со почеток во 16 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
