Епилогот од скандалозните препукнувања по настапот на ракометната репрезентација на Србија на ЕП во Хрватска е смена на селекторот Јовица Цветковиќ. УО на Српскиот ракометен сојуз на денешната седница не го прифати извештајот на селекторот и не му даде поддршка за натамошно извршување на функцијата.
Цветковиќ во извештајот ги прозва дел од репрезентативците дека „лумпувале низ Загреб“ за време на ЕП, а дел од нив резервирале билети за дома уште пред крајот на првата фаза на ЕП. На обвинувањата од селекторот не останаа должни ни ракометарите кои во писмо до јавноста изнесоа низа скандалозни работи меѓудругото обвинувајќи го селекторот Цветковиќ дека ги водел пијан на ЕП.
Репрезентацијата на Србија на ЕП во Хрватска имаше пет порази и само една победа против Исланд во групната фаза, а првенството го заврши на 12.место.
Јовица Цветковиќ е вториот селектор што е сменет од функцијата по настапот на ЕП во Хрватска. Пред него местото на клупата на Исланд го загуби Геир Свеинсон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА