Металург го победи Мешков Брест со 37-33, во натпреварот од 16.коло во регионалната СЕХА лига. Александар Јовиќ и неговите избраници ја искористија шансата против преполовениот состав на Мешков Брест кој поради двојната програма во домашното првенство и во СЕХА, во Скопје допатува со преполовен состав со само 11 ракометари. За Металург ова е шеста победа која го носи едно место погоре на табелата, а за Мешков Брест петти пораз на две кола пред крај на регуларниот дел од сезоната.
Металурзи ја имаа иницијативата на стартот од натпреварот и водство од два гола на 6-4 во 8.минута од натпреварот. Во втората четвртина, гостите од Белорусија го презедоа приматот и на двапати стигнаа до највисоки три гола предност (9-12, 11-14).
Сепак, Металург во финишот на првиот дел успеа да се врати во ритам и дојде до ново изедначување. Домаќините во завршниот напад не искористија шанса на одмор да заминат со гол предност (17-17). Повеќе од половина од головите за Металург во овој дел беа дело на капитенот Филип Кузмановски кој седум пати ја затресе мрежата на Мешков Брест додавајќи на тоа и шест асистенции. Но, македонскиот вицешампион во овој дел имаше слаба поддршка од голманите со само една одбрана на Никола Даниловски.
Притисокот на Металург продолжи и на стартот од второто полувремеи по пет минути игра, металурзи одново беа во минимална предност од 21-20 со погодокот на Вања Илиќ. Наредните неколку минути донесоа изедначена игра во која двете екипи се менуваа во водство со минимална гол разлика. Ефикасната серија на Халил Јагањац и неколкуте успешни одбрани на Мартин Томовски внесоа дополнителна сигурност во играта на Металург и водство од 26-24. Шансата да дојдат до највисоки +3 не ја искористи Илиќ, а на спротивната страна брзо казни Растко Стојковиќ не дозволувајќи му на домаќинот да се одлепи со поголема резултатска предност.
Со два гола предност, металурзи влегоа и во последната четвртина од натпреварот откако Жарко Пешевски реализираше за 28-26, а Мартин Велковски со два гола во серија, прв пат го однесе Металург на +3 (30-27) на 12 минути пред крај. Мешков Брест се обиде со агресивна одбрана да ја „пресече“ бековската линија на домаќинот, но Велковски беше несопирлив во овие минути и го држеше Металург на дистанца со 3-4 гола предност (33-29). На шест минути пред крај, металурзи прв пат стигнаа и до највискои пет гола предност со погодокот на Пешевски за 34-29 и тука практично беше решен победникот на овој меч.
Филип Кузмановски го предводеше нападот на Металург со 10 гола, Халил Јагањац постигна осум, а Мартин Велковски, Жарко Пешевски и Вања Илиќ завршија со по пет гола. Добра партија на голот во второто полувреме имаше Мартин Томовски со осум одбрани. Кај Мешков Брест најефикасен беше Максим Баранау со седум гола.
Во следното, претпоследно коло од регуларниот дел на сезоната во СЕХА лигата, Металург на 14 март му гостува на Татран Прешов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА