Благоја Милевски по една фантастична епизода на кормилото на младата фудбалска репрезентација, и историскиот пласман на Европското првенство за селекции до 21 година во Полска, заминува од националниот тим и ќе биде нов тренер на израелскиот прволигаш Ашдод. Постави нови стандарди, внесе победнички менталитет, работеше напорно и чесно, а сега треба некој таков и да го замени. За младиот национален тим дефинитивно е потребен квалитетен фудбалски стратег кој ќе продолжи без поголеми турбуленции по патот што го трасираше Боби Милевски.
Жикица Тасевски, актуелниот тренер на Силекс, и поранешен стратег на Работнички и на Вардар, кој има и интернационално искуство, е најсериозниот кандидат за наследник на Милевски како селектор на младата фудбалска репрезентација до 21 година. Неговиот договор со кратовскиот прволигаш истекува на крајот од сезоната, а квалитетите се неспорни за да го преземе веднаш кормилото, но и да ги селектира на најдобар начин оние фудбалери од помладата, многу надежна генерација до 19 години, предводена од Елиф Елмас, Дарко Чурлинов, Димитар Митровски, Јани Атанасов…
Второто име кое се наметнува за селекторското столче е Срѓан Захариевски, поранешниот тренер на Металург и на Пелистер. Беше одличен фудбалер со искуство и од Бундес-лигата, поранешен истакнат репрезентативец, голем работник на теренот, а истите карактеристики ги задржа и како тренер. Од него сигурно ќе имаат што да научат младите фудбалски репрезентативци на Македонија.
Во опција се и имињата на Виктор Треневски и на Тони Јакимовски, а челниците на Фудбалската федерација на Македонија ќе реба брзо да реагираат и да го одредат наследникот на Благоја Милевски на клупата на фудбалскиот национален тим до 21 година.
Во следниот период од Фудбалската федерација на Македонија, еднакво како и при претходниот избор на Благоја Милевски на селекторската функција, ќе биде објавен Конкурс за избор на нов селектор. По доставувањето на кандидатурите, и оценката на стручната комисија, Управиот одбор на ФФМ ќе треба да го избере новиот предводник на репрезентацијата до 21 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА