На Светското првенство во Русија првпат на големите натпреварување се користи ВАР системот. И покрај некои грешки и погрешни проценки, првите впечатоци за него се позитивни. Судиските грешки кои се составен дел од фудбалот се сведени на минимум, оние кои што се плашеа дека ќе се губи премногу време за преглед на снимките, не беа во право, а фудбалерите дури и ако одлуката по прегледуваето на ВАР е спротивна на нивниот интерес, не се бунат премногу.
Веќе е направена и првата анализа која ги зема в превид сите одлуки кои произлегоа од ВАР-системот за да се види како би изгледало осминафиналето кога не би постоела видео-технологијата. Интересно е што и да не постоеше ВАР комплетно истите репрезентации ќе одеа во нокаут фазата, но некои од одлуките на видео-технологијата ќе го променеа редоследот на конечната табела, а со тоа и осминафиналните вкрстувања.
Промените ќе беа во групите Б, Ц и Ф. Репрезентациите кои минаа натаму, ќе ги заменеа позициите. Во групата Б, Португалија, против која беше досуден пенал благодарение на видео-технологијата, ќе беше првопласирана, а Шпанија на втората позиција. Во групата Ц, позициите ќе ги заменеа Франција и Данска. Французите без ВАР ќе имаа два бода помалку, а Данците ќе имаа корист од два бода повеќе. Во тој случај, Хрватска ќе играше против Франција, а Данска против Аргентина.
Измени би имало и во групата Ф. Мексиканците ќе завршеа први, додека Швеѓаните ќе имаа два бода помалку затоа што со аситенција на ВАР-системот добија пенал против Јужна Кореја. Да не беше видео-технологијата, Мексико ќе играше со Швајцарија и ќе беше во полесната половина од ждребот.
Ова се ситуациите во кои ВАР-системот директно влијаеше на резултатот. Можеби ќе треба да се направи анализа и на ситео оние ситуации во кои ВАР требаше, а не реагираше. На пример, за средбата меѓу Португалија и Шпанија во која имаше евидентна грешка кога Диего Коста очигледно го фаулираше Пепе, а во продолжение постигна гол. На крајот, Шпанија со пет бодови во нокаут фазата оди како првопласирана, додека Португалија со идентичен број бодови продложува натаму преку втората позиција.
Од досегашниот тек на првенството, особено треба да бидат издвоени два случаи во кои арбитрите по досуден пенал, го користеа ВАР-системот и ја повлекуваат одлуката. Тоа се случи на средбата меѓу Бразил и Костарика кога Бјорн Кујперс досуди пенал за Бразил, а потоа се предомисли. Истата работа се случи вчера кога српскиот судија Милорад Мажиќ на дуелот меѓу Сенегал и Колумбија по еден дуел во казнениот простор на Сенегалците покажа на белата точка, но кога виде дека одбранбениот играч на Колумбија прв играше со топката, го промени мислењето.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА