Единаесет желби за “The best” – Французите главни фаворити

Единаесет врвни стратези се наоѓаат во трка за признанието „Најдобар тренер“ за 2018 година што ќе го додели ФИФА. Светската куќа на фудбалот попладнево го објави скратениот список од единаесет стручњаци кои се номинирани за престижната награда.

На него се наоѓаат хрватскиот селектор Златко Далиќ, рускиот кормилар Станислав Черчесов, потоа Клоп, Симеоне, Валверде, Гвардиола… но главни фаворити за признанието сепак се Французите – Дидие Дешамп за светската круна на Мундијалот во Русија и Зинедин Зидан за третата титула европски првак со Реал Мадрид.

Единаесетте финалисти ги избраа фудбалски стручњаци и легенди на овој спорт, а сега во гласањето за најдобриот ќе учествуваат и фановите, преку официјалната веб-страница на ФИФА. Секој ќе има право да гласа за тројца тренери, давајќи му на првиот пет, на вториот три и на третиот еден глас. Бодовите освоени од фановите потоа ќе влезат во вкупниот збир заедно со гласовите на новинарите, селекторите и капитените на репрезентациите.

Победникот ќе биде официјално прогласен на 24 септември, на гала-вечерата што ќе се одржи во Лондон.

Се вчитува...