Од Комисијата за високогорство и експедиции при Федерација на планинарски спортови на Македонија преку официјално соопштение до нашата редакција демантираат дека е реализирано било какво соло искачување на планинарката Ирина Дишовска на врвот Матерхорн, како што планинарката претходно сервираше информации до македонските медиуми.
Од Федерацијата на планинарски спортови изненадувачки истакнуваат дека фотографијата на Дишовски од врвот Матерхорн е фотомонтажа, а другата испратена фотографија е преземена од италијански медиум.
СООПШТЕНИЕТО ОД ФЕДЕРАЦИЈАТА НА ПЛАНИНАРСКИ СПОРТОВИ ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:
Во врска со објавата на планинарката Ирина Дишовска од ВАК Анапурна која беше пренесена од повеќе медиуми за соло искачување на врвот Матерхорн 4478 мнв на 27.07.2018 година, Комисијата за високогорство и експедиции при ФПСМ и покрај барањата нема добиено никаков материјал за верификација на ова искачување.
Од јавно објавените фотографии констатирано е дека се невалидни клучните две и тоа: фотомонтажа од врвот Матерхорн и превземена фотографија од италијански медиум од секцијата “Џорданови скали“. Воедно ја известуваме јавноста дека КВЕ при ФПСМ досега нема ниту едно верификувано соло искачување на насоката “Креста Дел Леоне“ од италијанската страна на врвот Матерхорн, а најстрого ги осудуваме сите обиди за било каква повреда на планинарската и спортската етика.
Со почит, Канцеларија на ФПСМ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА