Над 300 натпреварувачи од повеќе од 20 земји претстојниов викенд ќе бидат дел од Балканското триатлон првенство и Европски Куп кој ќе се одржува во Охрид. Организаторите најавуваат успешно натпреварување кое треба земјава и најпознатиот туристички центар да го стават на светската триатлон мапа.
„Имаме голем натпревар пред нас. На првиот ден се закажани трките во главните конкуренции, елитната, јуниорската и кадетската. Ќе бидат поделени во осум категории. В недела ќе се одржат рекреативните натпреварувања. Македонски натпреварувачи имаме во речиси сите категории, најбројни и најсилни сме во кадетската, каде и очекуваме најдобри постигнувања“ – најавува претседателот на Триатлон федерацијата, Иван Михајловски.
Дел од натпреварувањето ќе биде и штафетниот триатлон, дисциплина која ќе биде застапена на Олимписките игри во Токио во 2020 година.
„Ова е најголем настан кој досега сме го организирале. Ова е голем предизвик за нас. Се надеваме на успешна организација кој во иднина ќе прерасне во Европски куп кој ќе се одржува кај нас. Во организацијата на ваков настан, треба сериозна помош и затоа им благодариме на Агенцијата за млади и спорт, на Македонскиот олимписки комитет, на општина Охрид, но и на двете локални организации „Охрид Трчат“ и „Спорт за сите-сите за спорт“ кои направија огромни напори во организацијата“ – вели генералната секретарка на Триатлон федерацијата на Македонија, Гордана Николовска.
Организаторите очекуваат Охрид да остави силен впечаток и не само од спортски, туку и од туристички аспект, па дел од учесниците да бидат мотивирани повторно да дојдат во нашата земја.
„Сакам да искажам пофални зборови до Триатлон федерацијата на Македонија за заложбите кои ги направи со организација на Европскиот Триатлон Куп и Балканското првенство, каде Охрид ќе биде домаќин од 14 до 16 септември на 20 држави учеснички во различни категории започнувајќи од најмалите кадетски, младински и завршувајќи со натпреварите во сениорски категории со преку 300 учесници доволно говори за сериозноста на овој настан“ – рече директорот на АМС, Дарко Каевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА