Филип Талески со Рајн Некар Левен славеше победа против Гумерсбах со 30-24 во натпреварот од 7.коло во Бундеслигата. За „лавовите“ ова е шеста победа сезонава со која остануваат во водечката тројка на табелата со бод помалку од Магдебург и од Фленсбург.
Рајн Некар Левен лошо го почна натпреварот и во целото прво полу време беше во негатива, на крај со 10-14.
На стартот од вториот дел „лавовите“ паднаа и на шест гола негатива (12-18), но потоа избраниците на Николај Јакобсен тргнаа во офанзива. Филип Талески постригна два гола по ред и ја отвори серијата од 6-0 со која Рајн Некар Левен направи пресврт поведе со 20-19 и остана во предност до крај. Талески имаше одличен настап и максимално ја искористи довербата од тренерот Јакобсен, завршувајќи го мечот со пет погодоци од осум обиди. Пет погодоци за Рајн Некар Левен постигна и Александар Петерсон, а најефикасен беше капитенот Анди Шмид со 11 гола. Исто толку погодоци за Гумерсбах постигна Иван Мартиновиќ.
За Рајн Некар Левен ова беше последна проверка пред саботниот дуел со Вардар во Лигата на шампионите.
Филип Миркуловски со тимот на Вецлар загуби од Бергишер на домашен терен со 25-27. Миркуловски постигна еден гол за Вецлар кој влезе во лоша серија со три порази по ред во Бундеслигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА