Вардаровите фудбалери ќе ги одиграат чесно до крај последните четири есенски натпревари од сезоната 2018/2019 без разлика на повеќе од сериозните финансиски проблеми кои го мачат најтрофејниот македонски клуб актуелнава година. Барем таков е договорот, како што дознаваме, со раководството на клубот и се уште актуелниот сопственик Сергеј Самсоненко по бурните денови за време на паузата поради репрезентативните настапи низ кои се најавуваше и генерален штрајк во вардаровите структури.
Не е веќе никаква тајна дека ФК Вардар актуелнава сезона едвај „дише на шкрги“… Сето тоа умешно беше прикривано преку позитивните резултати на терен, извлечени чисто само од индивидуалниот ‘инает’ на фудбалерите и стручниот штаб. Но, кога ги снема и резултатите тогаш веднаш и пред јавноста се активираше можноста и за протест на вардаровите фудбалери кои бараа директно средба само со Сергеј Самсоненко.
Според нашите информации, пред утрешниот дерби дуел со Работнички, „вардарци“ добиле ветување од Самсоненко дека сите финансиски побарувања ќе им бидат комплетно исплатени. Дел од долговите веќе се подмирени изминативе денови, и кон фудбалерите и кон тренерите во клубот и кон административците, а останатите треба да бидат регулирани до крајот на актуелнава година. За сметка на тоа, раководството на клубот побарало само мирен финиш на полусезоната и одржување резултатска израмнетост со сега веќе водечката Шкендија.
Сериозен проблем за ФК Вардар претставуваат и долговите кон поранешните фудбалери на чело со екс-капитенот Бобан Грнчаров кои заминаа од клубот минатово лето. Но, на средба со Сергеј Самсоненко, и тие добиле ветување дека сите долгови ќе им бидат исплатени до крајот на годинава. Сето тоа единствено во насока на, согласно претходните најави, и за целосно расчистување на рускиот бизнисмен со фудбалскиот клуб и негово повторно враќање во сопственост на Град Скопје.
ОД ГРАД СКОПЈЕ ЧЕКААТ ВАРДАР ДА ГО ДОБИЈАТ СО КОМПЛЕТНО ПОДМИРЕНИ ДОЛГОВИ

Од Град Скопје информираат дека немаат никаква дополнителна новина од ФК Вардар околу состојбите во клубот и одлуката, како што претходно известиле, од јануари 2019 година да ја вратат сопственоста.
Град Скопје останува на ставот Сергеј Самсоненко да го врати клубот во состојбата во која и го добил во јануари 2014 година, со чиста сметка и без заостанати долгови. Само во таков случај следната година ќе следи нова трансформација на најтрофејниот македонски клуб.
Но, и со најавено расчистување на долговите од страна на Самсоненко, останува спорно што од инфраструктруата останува за ФК Вардар. Русинот не се откажува и комплексот во Градски парк каде сега е Академијата на ФК Вардар. Иако, останува ‘мистеријата’ околу отуѓувањето на парцелата во строгиот центар на Скопје, по цена од само 40 евра по квадрат, за што тогаш имаше и обвинување од тогашниот градоначалник Андреј Жерновски.
„Оние од власта, кои што се претставуваат како патриоти и домаќини, ја дадоа атрактивната парцела меѓу арената Филип Втори и Паркот на Франкофонијата за 40 евра по метар квадратен. Продавање на атрактивна земја за 40 евра е криминогено и безмилосно раскрчмување на атрактивно земјиште. Од првичните 2420 денари, со наддавање почетната цена е зголемена замислете „за цели 220 денари“. Повторно Владата го продава она што не е во нејзина приватна сопственост. Ние немаме против спортски активности, но секако имаме против раскрчмување на земјиштето“ – изјави тогаш Жерновски.
Сега Самсоненко не се откажува од таа парцела и објект, и покрај тоа што претходно постојано во јавноста се нагласуваше дека комлетната инфраструктура останува во трајно владеење на ФК Вардар, без разлика што и да се случи во иднина!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

