Град Скопје не планира повеќе продажба на Вардар по принципот – „ала Самсоненко“!

Што ќе се случува со ФК Вардар од јануари 2019 година, по најавата за негово враќање во сопственост на Град Скопје откако во јануари 2014 беше продаден за смешна сума на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко!? И тоа како сериозна неизвесност виси над иднината на најтрофејниот македонски клуб, без разлика на смирувачките тонови кои пристигнуваат деновиве од црвено-црните редови чија цел е чисто само, како така, да се заврши есенскиот дел од шампионатот.

Ако се суди според информациите дека уште од крајот на сезоната 2016/2017 траат финансиските проблеми на „вардарци“, тогаш сосема е јасно дека проектот за „европски Вардар“ кој континуирано ќе биде дел од Лигата на шампионите на УЕФА, а бомбастично најавен од Самсоненко по неговото преземање, траеше едвај само три години! Токму поради тоа, според нашите информации, од Град Скопје не планираат повеќе во иднина продажба на Вардар на начин и по принципот „ала Самсоненко“ кој беше применет во 2014 година. Но, изнаоѓање генерален финансиер со точно прецизирани привилегии, одговорности и обврски. Се разбира сето тоа само доколку Самсоненко, како што најави, ќе го врати клубот на крајот од годинава со комплетно расчистени сметки.

А, како што е познато, Самсоненко најголемиот македонски фудбалски клуб го купи за само 80.000 евра по тендерска постапка, која изненадувачки беше повторена во рок од само три дена, откако првата заврши неуспешно, со обврска за вложување од најмалку еден и пол милион евра по сезона. Кои се причините за финансискиот колапс на ФК Вардар и тоа по сезоната кога клубот од настапот во Лигата на Европа доби од УЕФА вкупно 4,1 милиони евра одговор треба да дадат само Самсоненко, и неговиот броен менаџерски тим кој за пет години не успеа да креира ниту минимален функционален систем за некаков финансиски инпут во клубот. Но, од нив тешко дека некогаш ќе се даде објаснување во јавноста.

ШТО ВО СЛУЧАЈ САМСОНЕНКО ДА НЕ ГИ РАСЧИСТИ ДОЛГОВИТЕ – ЌЕ СЕ АКТИВИРА „ЗЛАТНАТА АКЦИЈА“!?

Од друга страна, кога е ФК Вардар во прашање, дали некогаш на маса е поставено прашањето што доколку Сергеј Самсоненко не ги расчисти долговите, а притоа од јануари следната година не сака повеќе да го финансира клубот!?

Дали Град Скопје во еден таков случај би го сакал назад клубот и би ги презел обврските за регулирање на долговите? Дали Град Скопје, согласно договорот кој го има за купопродажба од 2014 година, а кој никој не го видел во јавноста, има механизам како да се справи во еден таков случај и да го заштити најтрофејниот македонски клуб!?

Добро е позната и онаа смешна „заштита“ за ФК Вардар која ја промовираше тогашниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски – „златната акција“ која ја има градот како дел од сопствеништвото на клубот. Но, што со таа „златна акција“? Каква корист би имал од неа Град Скопје и во случај да ја активира поради неисполнување на обврските од страна на сопственикот, како што е наведено во договорот? Ќе ги расчисти ли таа „златна акција“ долговите кои ги има клубот по разно-разни основи, па и кон државни институции, а кои согласно шпекулациите од изминатиов период се во висина од околу три милиони евра!? Затоа што, на крајот, сите ќе си ја пропагираат својата вистина а само ФК Вардар ќе остане на улица!

Се вчитува...