Работнички излезе како победник во градската пресметка на стадионот „Борис Трајковски“ совладувајќи го Вардар со 0-1, со голот на Оливер Пеев во 57.минута. Новиот пораз на вардарци го искористи Шкендија, која со 5-0 го декласираше Силекс и побегна шест бода на врвот на табелата во однос на скопските „црвено-црни“. Беласица ја совлада Ренова со 3-1, Академија Пандев беше подобра од Победа со 2-1. Во Ѓорче Петров, Македонија ЃП ремизираше (2-2) на дуелот со Шкупи. Ова е епилогот на 15.коло во Првата фудбалска лига.

Градското дерби му припадна на Работнички. Оливер Пеев беше човекот на одлука, откако го надмудри Гачевски во 57.минута. По центаршутот на Бопесу од десната страна, Пеев умешно ја смири топката на гради и ја затресе мрежата на Вардар. „Црвено-црните“ најголемата шанса ја имаа во првиот дел, во 37.минута, кога Владица Брдаровски излезе сам пред Даниел Божиновски, но голманот на „романтичарите“ успеа да го спаси својот гол.

Актуелниот првак Шкендија оствари убедлив триумф (5-0) над Силекс. Валмир Нафиу во 25.минута ја отвори серијата голови, продолжи Изаир Емини со два погодоци, во 28. и во 64.минута, а младиот Шефит Шефити го постигна најубавиот гол во 69.минута од овој натпревар. Во завршницата, меѓу стрелците се запиша и Самир Фазли, кој во 88.минута постигна погодок со удар со глава.

Шкупи со бод се враќа од Ѓорче Петров, откако ремизираше против Македонија ЃП (2-2). „Лавовите“ поведоа со голот од пенал на Боби Божиновски во 15.минута, но одговори Виктор Ангелов со „бомба“ од далечина четири минута подоцна. Шкупи направи пресврт за само девет минути, откако Сухељ Мухарем погоди и донесе предност. Тимот од Чаир долго одолеваше и покрај тоа што од 43.минута беше со играч помалку по исклучувањето на Занго, но Македонија ЃП израмни во 87.минута, преку Робсон да Силва.
Беласица ја победи Ренова со 3-1 на стадионот „Младост“ во Струмица. Филип Ивановски во деветтата минута обезбеди предност за домашниот тим, но ја анулираше Ненад Мишковски пред самиот истек на првото полувреме. Сепак, искусниот Зоран Балдовалиев од пенал во 80.минута донесе триумф за струмичките „кенгури“. Победата ја потврди Пепи Георгиев во судиското продолжение, за конечни 3-1.
Академија Пандев ја совлада Победа со 2-1. Сашко Пандев во 26.минута ги доведе домашните во водство, израмни Јаник Макота четири минути подоцна, а триумфот на „пандевци“ го донесе фудбалерот на Победа, Александар Исаевски, кој си постигна автогол во 87.минута.
ПРВА ЛИГА, 15.КОЛО – РЕЗУЛТАТИ
ВАРДАР – РАБОТНИЧКИ 0-1
ШКЕНДИЈА – СИЛЕКС 5-0
АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – ПОБЕДА 2-1
БЕЛАСИЦА – РЕНОВА 3-1
МАКЕДОНИЈА ЃП – ШКУПИ 2-2
Табела: Шкендија 34, Вардар 28, А. Пандев 25, Работнички 20, Ренова 19, Македонија ЃП 17, Победа 17, Беласица 17, Шкупи 16, Силекс 14.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

