Шкендија стана есенски првак, Вардар го освои Кратово, а Работнички се раздава голови

Шкендија е есенски првак во Првата фудбалска лига, откако ја задржа предноста од шест бода на врвот табелата во однос на Вардар, на две кола до стартот на зимската пауза. Тимот на Ќатип Османи конечно најде решение како да ја совлада Победа, и го стори тоа на гости во Турново, со триумф од 0-2.

Долго време Шкендија бараше начин како да ја пробие одбраната на Победа, а тоа му успеа на Егзон Бејтулаи, кој со удар со глава погоди во 74.минута. Вториот погодок беше дело на Изаир Емини во 88.минута, по центаршутот на Мурати од десната страна.

Вардар го освои Кратово со еден погодок. Стрелаше Дарко Мицевски од пенал во десеттата минута од натпреварот. Ова се покажа како доволно за „црвено-црните“ да ги освојат бодовите, иако од 72.минута играа со играч помалку поради исклучувањето на Лира.

Работнички ’врза’ две победи во низа, совладувајќи ја убедливо Македонија ЃП на арената „Филип Втори“ со 5-1. „Лавовите“ се заканија први преку Тантуровски и Кировски, но Работнички поведе со голот на Петар Петковски во 29.минута. Тој шутираше од 25 метри, топката удри во противнички фудбалер и го лобуваше голманот Стојан Димовски. Само една минута подоцна, Филип Мишевски си постигна автогол и „романтичарите“ поведоа со 2-0.

Во 55.минута, Филип Петковски по проигрувањето од Шаркоски постигна трет гол за Равотнички и беше јасно кој ќе ги освои бодовите. Македонија ЃП успеа да стигне до почесен погодок во 70.минута, преку Илирид Адеми. Но, Себастијан Херера од слободен удар постигна прекрасен гол за 4-1, а пред самиот крај Петар Петковски го постави конечниот епилог.

Во Тетово, Ренова и Академија Пандев ремизираа 1-1. Стефан Костов донесе водство за гостите во 27.минута, а успеа да израмни Влатко Стојановски пред крајот на првиот дел од натпреварот.

Шкупи дојде до значајна победа над Беласица (1-0) во последните моменти од натпреварот на Чаир. Тони Типуриќ во судиското продолжение донесе три бода за составот на Шкупи.

ПРВА ЛИГА, 16.КОЛО – РЕЗУЛТАТИ

СИЛЕКС – ВАРДАР 0-1

ПОБЕДА – ШКЕНДИЈА 0-2

РАБОТНИЧКИ – МАКЕДОНИЈА ЃП 5-1

РЕНОВА – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ 1-1

ШКУПИ – БЕЛАСИЦА 1-0

Табела: Шкендија 37, Вардар 31, Академија Пандев 26, Работнички 23, Ренова 20, Шкупи 19, Победа 17, Македонија ЃП 17, Беласица 17, Силекс 14.

Се вчитува...