Ракометната репрезентација на Хрватска го победи светскиот првак Франција со 23-20, обезбеди квалификации за ЛОИ 2020 во Токио и ќе се бори за петтото место на Светското првенство. Селекторот Лино червар по триумфот експлодираше пред камерите, возвраќајќи им на оние кои го навредувале во текот на Мундијалот.
„Го победивме европскиот и светскиот првак. Благодарение на играчите, секоја чест за нив. Ова е и за сите оние кои се со нас. Но, кај некои, додека нема почитување за човек, нема и иднина. Гледам како во „Јутарњи Лист“, господинот Крушељ ме понижува. Би ја прашал госпоѓа Хаџенковиќ (сопственичка на Јутарњи Лист н.з), тоа ли е нивната политика? Да ме навредуваат и да ме понижуваат? Таа шака на луѓе, како едвај да чекаат да ме уништат. Се поставува прашањето: Како овие луѓе ја сакаат својата татковина. Оние кои се болни, не можат да живеат, поради вакви мангупи кои ги тероризираат. Го повикувам господинот Александар Станковиќ (новинар во ХРТ), да ме повика во емисија со сите што ме навредуваа. Но, тој нема храброст да го направи тоа. Забрането ми е да говорам. Ако неправдата стане закон, тогаш должност на секој граѓанин е да ја земе правдата во свои раце. Оваа победа е за сите луѓе што вистински ја сакаат земјата, за сите деца“, изјави Лино Червар пред камерата на хрватската телевизија „РТЛ“.
И продолжи во исти стил. Ниту збор за триумфот над Франција, туку за навредите кои очигледно многу го повредиле.
„Цел живот се борам со мангупи. Ме нарекуваа старец, говорат за мене со погрдни зборови. Тие кои ме навредуваат, тие не се луѓе. Јас сум најтрофеен тренер во светот, а ме понижуваат и навредуваат. Мислат дека тоа им е тренд. Ако нема добро одгледување на младината, бадијала е знаењето“, дополни Червар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА