Дидие Динар и на второто големо натпреварување во низа не успеа да стигне до финалето со селекцијата на Франција, откако „триколорите“ беа декласирани во вчерашното полуфинале против Данска. На францускиот селектор не му преостана ништо друго освен да му честита на подобриот противник, кој целосно ги надигра „триколорите“ и ја симна оваа селекција од врвот на светскиот ракомет.
„Тоа беше колективен распад, не сакам да издвојувам поединци. Се обидовме со различни ротации, со одбрани 6-0 и 5-1, ги направивме сите можни замени, но денес беше еден од оние денови кога што и да направите, ништо не функционира како што треба. Налетавме на противник кој беше подобар од нас на теренот. Си рековме самите на себе некои работи во соблекуваланта, знаеме каде грешевме, сите се свесни за својата изведба, но исто така и на сите им е јасно дека мораме брзо да се мобилизираме за повторно да оживееме“ – изјави Динар.
Ова е прв пат по 2005 година Франција да не поседува ниту еден од трите големи трофеи во ракометот, за светски, европски или олимписки првак.
„Можеби ги размазивме луѓето кои мислат дека мораме секогаш да бидеме на врвот на пиедесталот. И останатите селекции се подготвуваат и играат врвен ракомет. Ние имаме смена на генерации што ја почнавме во 2016, повторно сме меѓу најдобрите четири селекции, дел сме од самиот врв. Овој пораз ќе ни биде искуство плус за во иднина, мораме да бидеме оптимисти“ – порача францускиот селектор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА