Металург не успеа да земе уште еден скалп во СЕХА

Металург не успеа да врзе две гостински победи во СЕХА-лигата откако македонскиот вицепрвак вечерва загуби во Ниш од Железничар со резлтат 27-25. Македонскиот претставник губеше во поголемиот дел од мечот, но пропушти шанса за камбек кога Димитриоски промаши зицер при резултат 24-23, што се покажа како клучен момент на натпреварот.

Средбата почна со израмнета битка, а Дупјачанец со неколку одлични одбрани на стартот не им доволи на домаќините да остварат предност поголема од еден гол разлика. Првиот дел од првото полувреме мина со мал број на постигнати погодоци, а откако Металург од контранапад поведе со 5-6 Веселин Вујовиќ побара тајмаут. Неговите совети ги разбудија домашните ракометари кои заиграа многу подобро , па Железничар набрзина поведе со 11-8. При овој резулат Брестовац побара тајмаут, но домаќините веќе влегоа во ритам во нападот и лесно го наоѓаа патот до мрежата. На шест минути до крајот на полувремето набрзина исклучувања добија Чориќ и Јагуриновски, но и со двајца играчи помалку на терен Металург реализираше со атрактивен цепелин на Серафимов, на додавање на Димитриоски. Српскиот вицепрвак до 29. Минута имаше предност од 16-11, за потоа со два брзи гола на Серафимов и на Димитриоски на одмор да се замине со три гола разлика (16-13) во корист на Железничар.

Металург заигра подобро во одбраната на стартот од второто полувреме, четири минути не примајќи гол, но слабата реализација во нападот придонесе македонскиот тим да не се врати целосно во натпреварот. Железничар повторно стигна до „плус пет“ (21-16), Металург се врати до три поени негатива (22-19), резултат при кој Дупјачанец одбрани пенал во ситуација кога македонскиот тим имаше двајца играчи помалку на теренот. Како што одминуваше времето предноста на српскиот тим се топеше, па Вујовиќ на осум минути до крајот при резултат 24-23 беше принуден да побара нов тајмаут. При овој резултат Димитриоски промаши зицер од крилна позиција, по што Железничар набрзина постигна два погодоци и го реши прашањето на победникот на овој интересен натпревар, што заврши со конечни 27-25.

Димитриоски и Танкоски со по четири гола беа најефикасни кај „металурзите“, Дупјачанец имаше 11 успешни интервенции, додека кај Железничар најдобар поединец беше Вејин со шест погодоци.

Се вчитува...