Вардар по пет години поразен од Нексе

Вардар го претрпе четвртиот сезонски пораз во СЕХА лигата и прв по десет последовни победи во регионалното натпреварување над Нексе откако го загуби натпреварот во кој во најголем дел беше во водство, а киксна во последната четвртина од средбата. Нексе славеше со 24-21 и се израмни со Вардар и со Загреб со по 39 бода на трите водечки позиции на табелата.

Нексе до израмнување дојде во 50. минута од средбата (20-20), а потоа и првпат поведе со 21-20 благодарение на црниот период на Вардар од девет минути без гол во кој домаќините направија серија од 4-0 и го свртеа резултатот во своја корист.

Вардар во текот на првото полувреме постојано воедеше, најчесто со два гола, а имаше три предност на паузата. Во вториот дел „црвено-црните“ имаа и плус четири се до моментот на големиот пад. Клучен за победата на Нексе беше голманот Морено Цар кој имаше вкупно 16 одбрани дел од нив во најзначајните моменти кога се правеше пресвртот.

Кај Вардар, Дејан Милосавлјев имаше 13 одбрани, по три гола постигнаа Дибиров, Мораеш, Чупиќ и Поповски.

Нексе е лидер на табелата, потоа е Загреб, па Вардар на третото место. Зад нив е Мешков Брест и тоа е четвроката која уште од претходно имаше обезбедено место на Ф4 турнирот.

Во последното коло од лигашкиот дел, Вардар во вторник ќе игра против Извиѓач.

Се вчитува...