Вардар со победа ја заврши СЕХА-лигата

Ракометарите на Вардар означија триумфален крај на регуларниот дел од сезоната во СЕХА-лигата, откако вечерва славеа на гостувањето против Извиѓач со резултат 28-31. По поразот од Нексе пред само неколку дена, „црвено-црните“ и денеска не покажаа блескава игра, Парондо чуваше дел од адутите за двомечот со Загреб во ЛШ, а репрезентативецот Мартин Поповски максимално ја искористи укажаната доверба на овој меч.

Фактот дека Извиѓач ниту во еден момент од 60-те минути игра немаше предност доволно говори за доминацијата на „вардарци“, кои во првото полувреме стигнаа до убедливи шест гола предност (10-16). Со двата брзи гола на Мартин Поповски македонскиот првак на почетокот од второто полувреме стигна и до 10-18, но потоа дојде до пад на концентрацијата и значително топење на предноста. На пет минути до крајот Извиѓач се приближи на само два гола разлика (26-28), но Недановски и Кисељев постигнаа голови во клучните моменти и ја осигураа победата.

Мартин Поповски беше најдобар поединец на теренот со девет гола, додека Куколовски, Шишкарев и Кисељев по четири пати се запишаа меѓу стрелците, а Гедбан имаше 16 интервенции.

Вардар повторно обезбеди учество на фајналфор турнирот, а ривалот во полуфиналето од Ф4 што ќе се одржи во Брест ќе го дознае по утрешните последни натпревари од регуларниот дел во СЕХА-лигата, меѓу Нексе и Мешков Брест и Загреб и Татран Прешов.

Се вчитува...