Металург во голем стил ја заврши сезоната во СЕХА-лигата откако вечерва во својот натпревар од последното коло го декласираше српскиот првак Војводина со преубедливи 39-20. Гостите допатуваа во Скопје со значително подмладен состав, а „металурзите“ знаеја како да го искористат тоа и четвртата овосезонска победа ја забележаа со убедливи 19 гола разлика.
Раното водство од 5-0 по неполни шест минути игра беше само најава за случувањата на вечерашниот дуел во СЦ „Борис Трајковски“. Како што одминуваше времето така и предноста на Металург растеше, веќе во 12. минута резултатот гласеше 10-1, а на одмор се замина со предност на македонскиот вицешампион од 19-7. Избраниците на Данило Брестовац продолжија во фуриозен ритам до крајот, славејќи со преубедливи 39-20.
Шилегов, Серафимов, Маџовски и Младеновиќ постигнаа по шест гола за Металург во оваа победа, која не го менува пласманот на клубот од Автокоманда на претпоследното место сезонава во СЕХА-лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА